Израел ќе ја прошири воената операција врз Газа

Ова го соопшти израелскиот министер за одбрана Израел Кац, според кој големи области на енклавата ќе бидат заземени и вклучени во безбедносните зони на Израел, пренесува Ројтерс.



Во изјавата министерот посочи дека ќе се изврши голема евакуација на населението од областите на воените дејствија.

Тој ги повика жителите на Газа да го елиминираат Хамас и да ги вратат израелските заложници како единствен начин да се стави крај на војната.

Кац не прецизираше точно колкава територија има намера да припои кон израелските безбедносни зони.

Израел веќе воспостави значајна тампон зона во Газа, вклучително и во таканаречениот коридор Нецарим, кој минува низ централниот дел на енклавата.

Во меѓувреме, израелските лидери рекоа дека планираат да го олеснат „доброволниот егзодус“ на Палестинците од Газа, идеја поддржана од американскиот претседател Доналд Трамп, кој предложи територијата да се претвори во одморалиште под контрола на САД.

Израел ги продолжи воздушните напади и копнената операција во Газа овој месец, по двомесечно релативно затишје што следеше по размената на заложници и заробеници со посредство на САД меѓу Израел и Хамас.

Меѓународните напори за продолжување на преговорите со посредство на Катар и Египет досега пропаднаа.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека примената на воен притисок останува најдобриот начин за ослободување на преостанатите 59 израелски заложници.