Изградбата на Коридорот 8 е приоритет. Ова денеска категорично го изјавил вицепремиерот и министер за транспорт и врски на Бугарија, Гроздан Караџов, на средбата со германската амбасадорка во Софија, Ирене Планк.
- „Пред две години, како министер за регионален развој, предложив проекти за поврзување со Романија и Северна Македонија. Еден од нив е за експресниот пат Дупница – Ѓуешево (Деве Баир), за кој почнав со подготовки за геолошки преглед. И ова е тесно поврзано со другите проекти“, изјавил бугарскиот министер за транспорт и врски на средбата со германската амбасадорка.

Потсетил дека Софија претходниот месец до Скопје испрати нацрт-меѓувладин договор за подготовка, изградба и работа на прекуграничниот железнички тунел од Коридорот 8 што ги поврзува двете земји.
Предлогот на Бугарија е двете влади да преземат конкретни и јасни обврски за реализација на граничниот железнички тунел, што е клучен елемент на изградбата на европскиот транспортен Коридор 8, кој го поврзува Црното Море со Јадранското Море и поминува низ териториите на Бугарија, Северна Македонија и Албанија.

Министерот за транспорт Александар Николоски вчера изјави дека за ова прашање сѐ уште не е постигнат договор со Бугарија, но оти се водат интензивни разговори и прашање е на време, на недели, а не на месеци, кога ќе има договор, ако има добра волја од страна на Софија.
Инаку, Владата на Бугарија ѝ испратила на Македонија нацрт-договор за подготовка, изградба и работа на прекуграничен железнички тунел што ги поврзува двете земји, соопшти на 15 јануари бугарското Министерство за транспорт и врски (МТС).
Предлогот на бугарската држава, како што беше соопштено тогаш, е двете влади да преземат конкретни и јасни обврски за реализација на граничниот железнички тунел, кој е клучен дел на изградбата на европскиот транспортен Коридор 8, кој го поврзува Црното Море со Јадранското Море и поминува низ териториите на Бугарија, Македонија и Албанија.





