Владата на вчерашната редовна седница ја разгледа информација за состојбите со пожарите во државата, при што беше истакнато дека во јули биле регистрирани 620 пожари.



На седницата се дискутирало и за штетите, но и за причините за толкавиот број пожари. Констатацијата е дека најголем дел од пожарите се предизвикани од човечки фактор, најмногу ненамерно, поради палење стрништа, пасишта и меѓи, додека во делот на намерно предизвиканите пожари, преовладуваат криминални мотиви и има повеќе такви случаи кои се испитуваат.

На седницата била потенцирана и брзата реакција од Владата, дека по првите поголеми пожари за само неколку часа е прогласена кризна состојба, а се одговорило и на барањето за вклучување на Армијата со помош за справување на состојбата.

„Со тоа, дејствувано е во најкус рок и во тој рок е делувано оперативно на највисок степен. Нагласено беше и дека состојбата ги надмина домашните ресурси, односно тие беа недоволни за справување со огнената стихија, и веднаш од страна на Владата беше побарана странска помош односно активиран ЕУ механизмот за цивилна заштита, со оглед на тешката затекната ситуација и расположливите ресурси, информира владината прес-служба.