Иванов побара од НАТО да не биде заложник на себичноста на Грција

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов се надева дека НАТО нема и понатаму да биде заложник на себичните интереси на Грција и очекува на претстојниот самит Македонија таа да стане членка на Алијансата.



„Се надевам дека во овој нареден период структурите на НАТО нема да бидат заложници на една нејзина членка, која поаѓа пред сè од своите интереси, а не од интересите на НАТО и од состојбата во целиот регион. Очекуваме на претстојниот самит на НАТО тоа да биде изложено и Македонија конечно да стане членка на НАТО. Тоа што Грција го бара е во рамките на Обединети нации и таму се води спорот за името. Таму ние активно учествуваме сите овие години, но се соочуваме со барања кои не се во согласност со Повелбата на ОН и со резолуциите на ОН, кои не соодејствујваат со билатералната спогодба, која доброволно Грција ја прифатила, а не ја исполнила“, изјави Иванов за време на денешната посета на припадниците на Армија на Република Македонија во касарната „Чојлија“.

Претседателот очекува годинава Македонија конечно да добие и датум за почеток на преговорите со Европска унија.

„Македонија очекува кога ќе претседава Бугарија со ЕУ конечно да добие датум за почеток на преговорите. Тоа е долг и мачен процес, но ние сме подготвени и нашата администрација е подготвена. Сите прашања кои произлегуваат од нашето прилагодување со ЕУ се исполнети во текот на преговорите. За разлика од НАТО, каде што сме блокирани на крајот на целиот процес, Грција нè блокира на самиот почеток кога требаше да добиеме покана за членство во ЕУ со тоа што таа не дозволува да добиеме датум за почеток на преговори, за да ги затвориме поглавјата со кои Македонија треба да воведува европски стандарди, критериуми и принципи. Таа блокада скапо нè чини, но досега не видовме дека некој на кој било начин ѝ укажал на Грција за штетата што им ја прави на Македонија и на целиот регион“, изјави Иванов.