Ибрахими: За целосна еднаквост на албанскиот јазик со македонскиот треба да се промени Преамбулата на Уставот

Лидерот на Алтернатива, Зеќирија Ибрахими, е порезервиран од претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, кој неодамна најави дека албанскиот јазик ќе стане официјален и еднаков со македонскиот во текот на мандатот на сегашната Влада.



„Начинот на кој е дефинирана државата го подразбира и начинот на кој се дефинира јазичната политика. Ако во Преамбулата на државата имате етникум кој е носител на суверенитетот, во случајов Македонците, јавноста знае кој го напишал овој текст, тоа последователно се рефлектира и во дефиницијата на јазичната политика на Северна Македонија. Со овие закони што се донесени, употребата на албанскиот е унапредена, но за албанскиот јазик да стане официјален јазик на ниво на македонскиот, мора да се смени текстот на Преамбулата“, изјави Ибрахими за ТВ 21.

„Бидејќи јас доаѓам од областа на јазиците, знам дека со вакви работи не треба да се брза и да велиме дека ќе биде. Јас мислам дека г. Таравари е оптимист во овој случај, но бидејќи јас знам како оди дефинирањето на јазичните политики не сакам да давам збор дека ќе стане официјален, бидејќи тоа е поврзано со текстот на преамбулата за тоа кој е носител на суверенитетот. И не може без да се реши прашањето за носител на суверенитетот да можеме да го решиме прашањето на јазичните политики, затоа сум порезервиран. Јас се надевам дека ќе направиме ново унапредување на албанскиот јазик, но не можам да кажам со цела уста дека ќе биде службен и на исто ниво со македонскиот“, додаде Ибрахими.