„Активностите во рамки на ‘Неделата на Чамите’ во организација на културното друштво ‘Визион-М’ продолжија и вчера, на 22 јуни 2024 година. Во рамките на оваа манифестација организирано е тргнување за Албанија во месноста Клоѓер, кај градот Саранда, каде што ќе бидат посетени гробовите на Чамите. ‘Неделата на Чамите’ започна вчера, на 22 јуни и некои делови на Скопје беа украсени со транспаренти, на кои е напишано ‘Ја сакам Чамерија’.“ – објави информативниот портал на албански јазик „Алмакос“. Одржувањето вакви активности под мотото „80 години од грчкиот геноцид врз Чамите“ во главниот град на Република Македонија, во Скопје, токму сега во екот на новите „добрососедски искричења“ меѓу Македонија и Грција околу „спорот“ „кому му припаѓа името Македонија“, претставуваат „брцање во очите“ на официјална Атина. Чамите се сметаат како составен дел на албанскиот народ и тие живеат во областа Чамерија меѓу Албанија и Грција. Грција се обвинува уште од многу одамна дека „има извршено „геноцид врз Чамите“ и „приграбување на нивната земја“, која се смета дека „била составен дел на територијата на Албанија“. Односно, со децении веќе од редица политички и други фактори во Албанија се искажуваат се посилни барања „Грција да ја врати окупираната територија на Чамите“ и таа да се припои кон другите „албански етнички автохтони простори“, односно во една обединета албанска држава, именувана од едни како „Природна Албанија“, а од други како „Голема Албанија“.
Случајно, или не, намерно, или не, најновата манифестација „Неделата на Чамите“ се организира токму во Скопје, во Македонија, четврта година по ред, во заднината на овој спор меѓу Албанија и Грција со политички, демографски, историски и територијални димензии. Која е и чија е намерата Македонија да се вовлекува во овој, неутрално да го наречеме, „спор“ меѓу Грција и Албанија? Зошто македонските државни органи дозволуваат од срцето на Македонија, од Скопје, да се возобновуваат и да се упатуваат исклучително тешките обвинувања за „извршениот грчки геноцид врз Чамите-Албанци“ на адреса на македонскиот јужен сосед, без да се завлегува со ниеден збор во тоа дали, кој и што извршил врз Чамите? Зошто македонските власти навремено не реагирале со барање оваа манифестација да не се одржува во Македонија, која нема никаква поврзаност со таквите обвинувања, туку да се одржува или само во Албанија, или можеби и во самата област Чамерија, во Грција?
Дали може официјална Атина да ги сфати веќе поставените транспаренти низ Скопје со пораките „Ја сакам Чамерија“ само како „патриотски изливи на љубов кон сонародниците-Чами“, или можеби и како отворено пројавување територијални претензии на дел од грчката територија и тоа упатени од Македонија?! Инаку, лани на 23 јуни македонската полиција брзо ги отстрани транспарентите со натписите „Ја сакам Чамерија“ тогаш поставени низ Скопје.
Како може да го разбере официјална Атина протестот пред нејзината амбасада на 27 јуни во 14 часот, кој ќе го одржат моторциклисти, кои ќе дојдат таму организирано од Тетово и од Скопје? Дали Грција нема со ништо да изреагира политички и дипломатски кон Македонија во врска со ваквиот најавен протест, кој е планиран како последна активност во рамки на „Неделата на Чамите“Најавата за протестот пред грчката амбасада е веќе објавена и масовно раширена и преку други електронски медиуми на албански јазик, како и на општествената мрежа „тик-ток“ дури и како своевиден јавен повик за помасовно собирање во означеното време и на одредениот ден пред грчката амбасада!
Инаку, според информацијата на „Алмакос“ и најавата на „тикток“, организаторите на „Неделата на Чамите“ најавија цела серија на активности: „Денес, на 23 јуни, и утре, на 24 јуни 2024 година ќе се одржат турнир во фудбал и турнир во кошарка. Во вторник, на 25 јуни ќе биде претставена книгата на авторката Берна Туркдоган со наслов ‘Геноцидот на Чамите’. Во среда, на 26 јуни ќе бидат организирани уметничка изложба и настап со народни ора со мотиви на Чамите. Во последниот ден од манифестацијата ‘Неделата на Чамите’, на 27 јуни ќе бидат одржани два настана: организиран марш на моторциклисти од Тетово до Скопје и потоа во 14 часот во форма на протест ќе се сретнат пред грчката амбасада во Скопје. Организаторите очекуваат оваа година поголем интерес, бидејќи ова е четврта година по ред, откако се одржува ‘Неделата на Чамите’.“





