Здружението на контролори на летање на Македонија (ЗКЛМ) ја информира јавноста дека за настанот со двата авиони над Скопје од 7 Септември е поднесена соодветна пријава.
ЗКЧМ денеска порача дека застанува во одбрана на колективниот углед и професионализам на контролорите, кои според здружението се мета на неосновани осуди.
„За настанот од 7-ми септември, навремено е поднесена пријава за безбедносен настан од извршителите кои работеле на засегнатиот сектор и истата е процесирана од релевантните одделенија, служби и институции, кои понатаму постапуваат по пријавениот настан, согласно постоечки правни процедури. Никогаш не станувало случај за заташкување на настани.
Нема основа овој настан да се прогласи за ‘сериозен инцидент’.
Тоа што не се проверени фактите не оди во насока на правично и вистинито расветлување на случајот. Напоменуваме дека Flightradar24 не е релевантна алатка за давање на точна позиција во реално време и како таква не треба да се користи за извлекување на заклучоци, соопштуваат од ЗКЛМ.
Од таму ги повикуваат медиумите кои известуваат за овој настан да го одржуваат нивото на новинарски интегритет и објективно известување, да го почитуваат текот на истрагата според пропишаните норми и пракси во воздухопловството пред да објавуваат за вакви чувствителни теми, како и воздржување од давање на паушални коментари сѐ до добивање на официјални и финални резултати.






