Зејнели ја „обвинува“ „славомакедонската власт“ за „водење политика на геноцид и тивок апартхејд врз Албанците од Битола“!

„Славомакедонската власт води политика на геноцид и тивок апартхејд врз Албанците од Битола. Тие се гетоизирани, маргинализирани и лишени од секакви основни национални и човекови права. Славомакедонската власт уште од 1945 година се прави да им го одземе на Албанците од Битола образованието на мајчиниот албански јазик!“ – со овие скандалозни обвинувања се огласи Џелал Зејнели, публицист и албанолог од Тетово, на ден пред 22 ноември, Денот на албанската азбука, кој Албанците го одбележуваат како свој национален празник. Невидените и неаргументирани тврдења за „спроведување политика на геноцид и тивок партхејд“ врз еден дел на албанското население во Македонија, врз оние што живеат во градот Битола, Зејнели ги упатува на адреса и на сегашнава Влада на Република Македонија, иако таа, напоредно со Албанците од Македонија, се вклучи во одбележувањето на нивниот национален празник, искажувајќи на тој начин соодветно внимание кон албанскиот јазик. А дали една Влада на Македонија воопшто би се однесувала така респектабилно кон албанскиот јазик, ако би вршела навистина „геноцид и тивок апартхејд“ кон Албанците, па нека е и само во еден град во Македонија?! Скандалот задобива размери и на етнички навреди, бидејќи овој колумнист ја нарекува власта „славомакедонска“, што значи, со други зборови, за него Македонците не се Македонци, туку „Славомакедонци“!



Во оваа обемна колумна со наслов „Азбуката на албанскиот јазик – Конгресот во Битола“, објавена во весникот на албански јазик „Лајм“, покрај другото, Џелал Зејнели тврди: Последниве години Албанците редовно ја слават годишнината од одржувањето на Конгресот на албанската азбука во  Манастир (албанско име за Битола – заб.прев.). Но, не треба да заборават дека градот на азбуката – историскиот Манастир (Битола), кој некогаш бил град населен главно со Албанци, денес е испразнет во застрашувачки обем, толку што стана тешко да се биде Албанец во овој град.

Славомакедонската власт уште од 1945 година се прави да им го одземе на Албанците од Манастир (Битола) образованието на мајчиниот албански јазик, правото да бидат вработени, да бидат вработени и правото да вршат каква било стопанска дејност. Против Албанците од Манастир (Битола) се води политика на геноцид и тивок апартхејд! Гетоизирани, маргинализирани и лишени од секакви основни национални и човекови права, Албанците од Манастир (Битола) беа принудени да одат по патиштатата на миграцијата, преку морињата и океаните, до САД, Австралија, Нов Зеланд и Канада, за  да не се вратат никогаш .

Албанците изминативе години редовно ја слават годишнината на албанската азбука, заборавајќи дека зградата во Битола, во која бил одржан историскиот конгрес, била нападната од непознати лица и тоа не само еднаш. Изгледа дека напаѓачите не се обични вандали. Славомакедонската влада, во која учествува и албанскиот политички чинител, не успеа никогаш да ги откри напаѓачите врз домот на албанската азбука.