ЗЕЛС останува партнер на сите општини, Костадинов потврди дека останува во ЗЕЛС

ЗЕЛС со став дека нема да дозволат политиката да се меша во организацијата. Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски потенцираше дека оваа организација не предизвикува кризи, туку ги надминува. Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела вода, Орце Ѓоргиевски обвини за сериозен обид за креирање на непотребна политичка криза по реакциите на општина Струмица откако беше одбиена за финансирање на проекти од унгарскиот кредит. Ѓоргиевски посочи дека Струмица е единствената општина којашто погрешно аплицирала.



Градоначалникот на Општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, во гостувањето на “Топ Tема” на ТВ Телма, во дебата со струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов, истакна дека ЗЕЛС останува партнер на сите општини, и дека сите локални самоуправи се третираат еднакво без да се дозволи политичко мешање во нивното функционирање.

  • ЗЕЛС останува партнер на сите општини и тоа е мостот меѓу локалната и централната власт. Со подадена рака може да ги надминеме сите проблеми. Вчера седнавме на маса заедно со моите потпретседатели Перо Костадинов од СДСМ и Висар Ганиу од Вреди, со градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски за проблемите кои ги има и понудивме медијаторство за надминување на проблемите. Ме радува изјавата на струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов дека останува да членува во ЗЕЛС затоа што обединети општини можат да придонесат значително повеќе во соработката со било која централна власт, изјави Ѓорѓиевски.

Костадинов истакна дека ја цени посветеноста на ЗЕЛС за решавање на проблемите, затоа што секој проблем е решлив како и оној со водата во Струмица, посочувајќи дека напуштањето на ЗЕЛС е невозможно, поради потребното гласање во локалниот совет, а и поради користењето на апликациите и електронските системи на ЗЕЛС во делот на издавање градежни дозволи и продажба на земјиште.

  • Мојата цел не е да го напуштам ЗЕЛС од што сакам да го напуштам или да алудирам на некаква непочит кон колегата Ѓорѓиевски или било кој друг градоначалник. Алармот за проблемот со водата за пиење е вклучен за да пристапат централните органи за надминување на состојбата, изјави Костадинов.

Струмичкиот градоначалник Костадинов, инсистира дека на состанокот во ресорното министерство им било потврдено дека можат да аплицираат со веќе започнат проект. Според Костадинот, доказ за тоа е писмената коресподенција со министерството, каде им било посочено да го поделат проектот за градскиот пазар на фази и така да аплицираат.

Според Ѓоргиевски, јасно било наведено дека за финансии од унгарскиот кредит требало да се аплицира само со нови проекти, а продолжувањето на рокот, за што одлука донесе владата, се однесува само за докомплетирање на документација, а не за нови проекти.

Од самиот почеток на обидот за политизирањето на проблемот со водата за пиење во Струмица беше кажано дека општината не може да го напушти ЗЕЛС, повтори градоначалникот Костадин Костадинов, забележувајќи на односот од централната власт кон големиот проблем со кој се соочуваат 50.000 граѓани во градот и околните населени места.