Зеленски му честиташе на Трамп

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска му честиташе на Доналд Трамп за враќањето на позицијата претседастел на Соединетите Американски Држави.



Зеленски укажа на решителноста на Трамп и нагласи дека политиката „мир преку сила“ што ја најави дава можност да се зајакне американското лидерство и да се постигне траен и праведен мир.

„Овој век се формира токму сега и мора сите заедно да работиме да го направиме голем и успешен век за демократските земји, а не за оние кои сакаат да пропаднеме“, нагласи тој на платформата Х.

Зеленски му посака успех на Трамп и додаде дека се радува на „активна и заемно корисна соработка“.

„Заедно сме посилни и можеме да придонесеме за поголема безбедност, стабилност и економски раст за целиот свет и нашите два народи“, рече Зеленски.

Во своето инаугуративно обраќање, Трамп го прогласи почетокот на „златното доба за Америка“ и рече дека бил „спасен од Бог“ со причина за време на обидот за атентат во летото 2024 година, за „Америка повторно да ја направи голема“.