Зеленортски Острови ќе бидат последна проверка за машката ракометна репрезентација на Македонија за претстојното Светско првенство во Норвешка, Хрватска и Данска.



Тестот со полуфиналистот на последниот Африкански шампионат и учесник на мундијалот, кадешто ќе се натпреварува во групата Г со Словенија, Исланд и Куба, е закажан за 12 јануари, три дена пред стартот на „црвено-жолтите“ во Вараждин против Унгарија.

Покрај со Македонија, селекцијата на западноафриканскиот архипелаг со вкупна површина од 4.033 квадратни километри и со 593.149 жители според пописот од 2022 година за своето трето учество на планетарните шампионати ќе се загрева во Хрватска и против Кувајт и Босна и Херцеговина.

За време на завршните подготовки во Хрватска избраниците на селекторот Кирил Лазаров, пак, ќе имаат контролни дуели и со соорганизаторот Хрватска на 8 јануари и два дена подоцна со хрватскиот суперлигаш Сесвете, кој сезонава настапуваше во Европската лига на ЕХФ.

Покрај со Унгарците, Македонија во групата Д ќе ги одмери силите и со Холандија, како и со дебитантот Гвинеја, а во втората фаза ќе се пласираат трите најуспешни селекции.