Зголемена наплатата на патарините во Македонија

Наплатата на патарините е зголемена. Во јули, по овој основ, бил направен промет од над 7,6 милиони евра, што е за 260 илјади евра повеќе од тој месец лани. Оваа вест ја објави премиерот Христијан Мицкоски на својот фејсбук-профил и, според него, порастот не се должи на зголемениот проток на возила поради годишните одмори, туку на „домаќинското и чесно работење на новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ“.



  • Овие пари постоеле и минатата година, само разликата е што не завршувале во касата на државата, каде што, сега, од тие пари градиме градинки, училишта, патишта. Инвестираме во болници, нови работни места. Разликата е во тоа што се работи домаќински и одговорно. Опозицијата води политика на ситни страсти и со целосна безидејност критикува колку да критикува, но нема да нè поколеба тоа да го поправиме она што го расипаа тие – објави Мицкоски.

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, деновиве нагласи дека се прави сериозна тежина врз буџетот од исплатата на гаранциите за кредитите што ги исплаќа ЈП за државни патишта.

  • И наместо да обезбедиме 100 милиони евра за инвестиции во здравството, образованието и слично, ние враќаме гаранции, односно кредити на јавните претпријатија што не се во состојба да ги вратат. На пример, само за ЈПДП, годинава сервисираме 90 милиони евра. Ако до минатата година ова претпријатие било во состојба да плати една рата во годината, сега не може да сервисира ниту една – потенцираше  Димитриеска-Кочоска.

Инаку податоците на Јавното претпријатие за државни патишта покажуваат дека само лани од наплата на патарини собрани се 62 милиони евра, во 2022 – 53,2 милиони. Во 2021, 46,4 милиони евра, додека во 2020 – 34 милиони евра. За годинава прокетираниот приход од наплата на патарини изнесува 71,5 милиони евра. 

Во тек е и воведување единствен систем за електронска наплата меќу Србија, Македонија и Албанија, каде со еден таг, без задржување ќе може да се поминува на наплатаните станици.  Претходната власт најавуваше дека до членството во Унијата патарините ќе бидат целосно дигитализирани.