„Институтот за население и развој во Берлин“, тврди дека во периодот од 2010 до 2015 година нето миграцијата од Западен Балкан е на ниво од 200 илјади луѓе.
Тврдењата на германскиот институт се целосно различни од други извештаи кои што велат дека емиграцијата е многу поголема. Лани косовските власти објавија дека само од оваа држава за една година се иселиле околу 70 илјади луѓе а слични трендови медиумите објавуваа и за Македонија, Хрватска, Србија и Албанија каде емиграцијата е уште поголема.
Најголем дел луѓето што заминуваат се економски мигранти, образовани млади луѓе чија крајна цел е некоја од поногатите членки на ЕУ, најчесто Германија.
Според анализата на институтот во регионот се повторува феноменот од 60-тите и 90-тите години од минатиот век кога огромен број луѓе заминаа во ЕУ.
Според анализата шесте држави од Западен Балкан имаат дијаспора од 4,5 милиони луѓе или една четвртина од вкупното население а од 1990 година овие земји загубиле 1/10 од своето население.
Според предвидувањата на германските статистичари во наредниве 33 години регионот ќе загуби уште околу 14 % од населението односно секој седми граѓанин, најчесто млад човек ќе замине во ЕУ.
Дополнителен проблем е нискиот наталитет кој се движи на ниво од 1,3 деца по жена што е уште една причина за намалување на населението. Како резултат на овие трендови населението старее. Сега во регионот со исклучок на Косово и Албанија околу 15 % од луѓето се над 65 години а до 2050 година овој процент ќе се искачи на 26.
Во делот за Македонија се вели дека со 1.46 дете по жена наталитетот е далеку од просекот во ЕУ.
Ситуацијата во целина не ја промениле ниту мерките на предходната влада која што од 2008 година вовела закони за раст на населението преку финансиска поддршка за мајките на трето дете кои што примале по 120 евра месечно.
За две години од мерките бил забележан пораст од 0,2 % на ниво на Скопје но на ниво на цела држава растот на наталитетот бил само 0,06 % затоа што во другитге делови од земјата нема зголемување на бројот на новородени деца.
Според институтот во Берлин прашањето за демографски развој останува еден од главните предизвици за македонските власти.





