За 50 дена нови 1 милион Грци контра Македонија – Пишува Горан Момироски

За нецели 2 месеци грчката националистичка пропаганда координирана од повеќе прикриени и јавни фактори успеа да убеди нови еден милион Грци дека не смееме да го користиме името Македонија како дел од некаков компромис.



На средината на јануари бројот на тие што одбиваа Македонија да биде во сложеното решение беше 59 % а сега нивниот број е 71,7 проценти.

Разликата од 12,7 проценти меѓу двете анкети е еквивалент на речиси 1 милион Грци, полнолетни граѓани, кои го смениле своето мислење за Македонија. За само 50 дена.

„Не“ за сложено име со вклучен термин Македонија, во јануари велеле над половина Грци, односно 59 проценти, покажа тогаш анкетата спроведена од агенцијата Pulse за телевизијата Action 24, за 72% од испитаниците бил важен спорот за името, а 65% оцениле дека се позитивни протестите за „Македонија“.

Во однос на терминот Македонија како дел од компромисно решение 59% одговориле дека не се согласуваат, 35% рекле дека се согласуваат.

Нецели три месеци подоцна драматична промена на бројот на Грци против Македонија во компромисно решение за името.

Грчкиот институт за истражување и анализа „Дианеосис“, под наслов „Што мислат Грците“, неодамна спроведе истражување чии резултатите ги објави весникот „Катимерини“.

Грција да не прифати сложено име што ќе го вклучува терминот „Македонија“ одговориле 71,7 проценти од испитаниците, додека пак  24,6 отсто дека немаат проблем со сложено име. 

Во друго истражување, спроведено од агенцијата „Marc“ за весникот „Прото тема“, меѓу другите прашања, анкетираните требале да одговорат и на тоа дали „Владата треба да го прифати терминот „Македонија“ во новото име на Скопје или не?“

Овде процентот е уште полош. Негативно одговориле 74,5 проценти, позитивно 21,8 отсто, а останатите 3,7 проценти рекле дека не знаат или не сакаат да одговорат. 

Дека промената на јавното мислење за Македонија во негативна конотација не е спонтана и случајна покажува бројот на членови на владеачката Сириза (речиси две третини) кои што очекуваат да се викаме Република Вардарска или Централно Балканска Република без зборот Македонија.

Тоа доволно зборува колку владата на Ципрас и министерот Коѕиас реално работат со јавноста но и со своите сопартијци за компромисно име. Јасно е дека СИРИЗА ниту вложува напор за да објасни пред грчката јавност дека е потребен компромис ниту пак е подготвена да влезе во судир со тие што утре или за 365 дена треба да гласаат за нив.

Напротив, ваквата фрапантна промена говори дека дури и грчката влада која има ангажирано врвни експерти за односи со јавноста и пропаганда, јавно говори за компромис а под тепих работи на сосема друга агенда.

Агенда во која Македонија е само фолклор а главна цел е како спорот за името да донесе поени на следните избоди.

Според трендот на анкетите, решение за името кое за нас е минимално прифатливо за Ципрас носи помалку гласови. И тука веќе македонските политичари мораат да прекинат да ја манипулираат јавноста и да нудат лажна надеж.

Македонскиот народ едноставно не го заслужува тоа.