„Во светиот месец Рамазан муслиманските верници плаќаат членарина како и други некои верски обврски. Годинава членарината во Скопје изнесува 2500 денари. Граѓаните, кои ги прашавме, велат дека оваа сума е многу висока, а за некои е во ред.“ – пишува ТВ 21 во својата репортажа со наслов „Поскапе членарината во џамија, во Скопје е 2500 денари, а во Тетово и до 6000 денари“. Инаку, Беџет Муслиу, директорот на информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својот коментар под наслов „Шаќир, објасни ѝ на јавноста зошто земаш плата од 7500 евра месечно?“ на 3 јануари годинава имаше напишано: „Верскиот поглавар на Исламската верска заедница на *Македонија реис ул улемата Шаќир Фетаи бара од народот ‘милостина’, садака и фитер, а за самиот себе си одредува плата од 7 илјади и 500 евра! Можеби сте гладни за пари, но тоа е противречно со мисијата, која ја има ИВЗ!“ На 30 јануари 2024 година преку уреднички коментар под наслов „Со плата од 7500 евра месечно не се оди во рајот, туку со отвореност и искреност!“ редакцијата на „Журнал“ му порача на Шаќир Фетаи: „Толкавата плата е висока и за земјите, кои се најбогати со нафта, а камоли за нашата земја, во која граѓаните едвај го минуваат месецот и едвај плаќаат за членството во џамија!“
Во својата репортажа, покрај другото, ТВ 21 пишува: „Запрашан зошто е поскапена членарината, скопскиот муфтија Ќенан Исмаили одговара дека презеле акција за уредување на работниот статус за секој верски работник: да му се исплаќа плата, почнувајќи со висината на минималецот во државата.“
„Трошоците на џамијата се покриваат со плаќањето членарина, зависи од град до град колку е. Тетово има повисоки цени, некаде од 3000 до 6000 денари. Во Гостивар е 10 евра по човек. Имаме околу 16.500 семејства, кои плаќаат членарина годишно. Кај нас во Скопје е 2500 денари, што е околу 200 денари месечно, за одржување на џамијата. Ако парите од членарините не се доволни за трошоците на џамиите, другото го покрива Муфтиството. Оваа година се платени околу 70 илјади евра за трошоци.“ – појаснува скопскиот муфтија Ќенан Исмаили.
Во споменатиот коментар од 3 јануари 2024 година Беџет Муслиу обвини: „Верскиот поглавар на Исламската верска заедница на * Македонија реис ул улемата Шаќир Фетаи ја злоупотребува позицијата, која ја врши. Ја злоупотребува и ИВЗ, заради својот личен интерес, а врз грбот на народот, кој ѝ припаѓа на исламската религија. Од заедницата, која ја претставува, Шаќир Фетаи бара ‘милостина’, садака и фитер, а за самиот себе си одредува плата од 7 илјади и 500 евра! Можеби е гладен за пари, но тоа е противречно со мисијата, која ја има Исламската верска заедница на * Македонија. Нема да толерираме да постапувате според директиви на која било политичка партија, што ве фатила за уши да ѝ го исплатите долгот, па да го повикувате џемаатот (верниците) да гласаат за таа партија!“





