Доналд Трамп продолжува со активностите да влезе во својата втора трка да стане претседател на Соединетите Американски Држави, и покрај тоа што завчера врз него беше извршен атентат во неуспешен обид да биде убиен. Трамп очекува на Конвенцијата на неговата Републиканска партија, која ќе трае од денес до 18 јули во сојузната држава Милвоки, да биде официјално именуван како претседателски кандидат на оваа партија на изборите во ноември годинава. Медиумите на албански јазик веќе со недели се занимаваат со личноста и можниот повторен избор на Трамп како нов претседател на САД. Меѓу Албанците не само од Балканот, туку и во Европа, во Содинетите Американски Држави и воопшто ширум светот, каде и да живеат, се повеќе се актуелизира прашањето: кој би бил подобар за нив како народ и за нивните национални интереси, Џо Бајден, или Доналд Трамп? Сегашниот премиер на Албанија Еди Рама има кажано пред осум години при тогашната прва претседателска кандидатура дека Трамп „е срам за човештвото и закана за демократскиот свет“, а оти „номинацијата на Трамп за претседател ќе ѝ нанесе штета на Америка.“
Весникот „Бота сот“ од Приштина, Косово, објави пред два дена став на публицистот и активист за албанската кауза од САД Бинак Маџарај дека „именувањето на контроверзниот републикански кандидат Трамп во трката за претседател на Америка може да има катастрофално влијание за Западниот Балкан, а посебно за Косово“. „Трамп е контроверзен кандидат за претседател на Америка. Контроверзен, бидејќи за првпат во историјата на Америка на конвенција ќе биде номиниран човек, кој е обвинет за повеќе од 71 кривични дела од кои за 31 кривични дела веќе се изречени пресуди во американските судови. Другите кривични дела се однесуваа на нападот на Капитол Хил на 6 јануари 2021 година, каде што беа убиени многумина, додека зградата на Конкресот на Капитол Хил беше целосно уништена.“ – нагласува Маџарај.
Тој смета дека „повторниот избор на Џо Бајден ќе биде од најдобар интерес на Америка, Европската Унија и посебно за доброто на огнениот регион на Западниот Балкан“. Од друга страна, според него, „враќањето на Доналд Трамп би било несреќа за Америка, ЕУ и посебно за Западниот Балкан“.
Тој посочува што ќе значи враќањето на Доналд Трамп за Косово, според него. „Постои општа согласност меѓу познавачите на меѓународните односи, кај меѓународните и домашните аналитичари, дека е опасно, ако се врати Трамп на позицијата претседател на Америка. Тој ќе ја врати силно идејата за поделба на Косово, или за размена на територии меѓу Косово и Србија. Токму ова го очекува Србија. Во врска со враќањето на оваа идеја на Трамп најгласен е Ејдан Хеир, истражувач на меѓународните односи во Универзитетот Вест, кој нагласува дека ‘влијанието на Трамп може да здобие катастрофални димензии.“ – вели публицистот и активист за албанската кауза од САД Бинак Маџарај.
Прашањето кој би би нов претседател на САД подобар за Албанците како народ и за нивните национални интереси, дали Џо Бајден, или Доналд Трамп, го загатна и ТВ Еуроњуз од Албанија во своја емисија на 27 јуни годинава. Во таа емисија Пашко Цамај, секретарот на Сеалбанската федерација на Америка „Ватра“ не се искажа ниту „за“ ниту „против“ Бајден, или Трамп, велејќи дека „и едниот и другиот како нов претседател на САД можат да бидат добар избор, од гледна точка на албанскиот народ“.
Многу поотворени и подиректни мислења на тема „Што мислат Албанците за Доналд Трамп“ има објавено албанскиот весник „Балкан Веб“ на 31 март 2016 година, пренесувајќи една тогашна репортажа на ТВ СИ ЕН ЕН. Во таа репортажа, покрај другото, било истакнато: „Албанците реагираат без двоумење кога ќе го чујат името ‘Трамп’: некои се смеат, други замавнуваат со главите, а трети се муртат. Реакцијата на Албанците кон Трамп е мешавина на недоверба и одбивност кон него. Микробиологот Аурора Џиџа вели дека е ‘малку луд, но и прониклив’ . Ендри Хасанај го опишува како ‘егоист’. Лекарката Аделина Бего смета дека ‘предлогот да биде Трамп претседател на Америка би ја уништил оваа држава како симбол на демократијата’.“
Слични „комплименти“ на адреса на Доналд Трамп пред 8 години има изнесено и Еди Рама, сегашниот премиер на Албанија. Во своја опсежна анализа, објавена пред два дена, информативниот портал „Лапси“ од Албанија потсетува и на категоричната изјава на Рама, која ја дал пред осум години во интервју за ТВ СИ ЕН ЕН кога за Трамп имаше кажано: „Тој е срам за човештвото и закана за демократскиот свет. Номинацијата на Трамп за претседател ќе ѝ нанесе штета на Америка.“
„Лапси“ му упати директно прашање на албанскиот премиер преку цинично „скроениот“ наслов“ на неговата анализа: „Изборите во САД / Се надева ли Рама на победа на Трамп?“. Односно, дали шефот на албанската влада и сега го задржува ваквиот ставот на навредување и „плукање“ врз американскиот политичар.
Пред осум години во интервју за емисијата „Зона Б“ на ТВ Клан Косово Еди Рама искажа, исто така, негативен став во врска со Доналд Трамп како тогашен можен кандидат за претседател на САД: „Трамп како претседател е закана за албанско-американските односи. Не дај Боже Америка да го избере Трамп како претседател, бидејќи тоа ќе ги влоши албанско-американските односи.“
Но, медиумите во Албанија сега иронично ја поврзуваат оваа тогашна изјава на Рама со неговата порака, која му ја пратил на семејството Трамп неодамна пред да замине за Вашингтон со намера да ја поттикне желбата на семејството Трамп за отпочнување бизнис во Албанија. „Иванка Трамп и нејзиниот сопруг Џаред Кушнер, еден од ретките луѓе со доверба на Доналд Трамп, очекуваат одговор за нивниот проект да го претворат албанскиот остров во ексклузивна зона за супербогатите луѓе од целиот свет. Еди Рама сега решил да прави бизнис со Трамповци .“ – се потсмева „Лапси“ со првиот човек на албанската влада.
„Симпатиите“, кои ги имаат Албанците кон Доналд Трамп, можеби беа поттикнати во одреден дел и од една негова изјава за нив. Информативниот портал „Шќиптарја“ го пренесува следниот став на Трамп во интервјуто во емисијата на ТВ „Фокс Њуз“, кое му го дал на новинарот Такер Карлсон на 18 јули 2018 година: „Албанците се многу силни, но и многу агресивни луѓе. Можат да се запалат… Ако се разбеснат, ете ја Третата светска војна!“





