Во организација на македонското друштво „Мост“–Голо Брдо, поддржано од друштвото „Преспа“ вчера беше одржана илинденска средба во селото Требиште, областа Голо Брдо.
Ова се случува по седум години, до кога оваа манифестација беше традиционална и се одржуваше секоја година на празникот „Илинден“, објавува главниот уредник на весникот „ОМО „Илинден“ – Тирана, Никола Ѓурѓај..
Пред присутните се обрати претседателот на друштвото „Мост“ Бесник Хасани, кој изрази големо задоволство од обновувањето на традицијата и честитајќи го големиот празник, и Едмонд Темелко, претседател на друштвото „Преспа“, поранешен градоначалник на Пустец и експретседател на единствената македонска партија, МАЕИ, кој меѓу другото повика на обединување на Македонците во борбата за остварување на правата во Република Албанија.
„Повикувам на семакедонско помирување и обединување зашто посилни сме заедно во борбата за остварување на нашите легитимни права, како и одбрана од бугарската пропаганда и обидите на Софија и бугарската амбасада во Тирана за денационализација и асимилација на Македонците во Албанија.
Повикувам на обединување со длабока анализа, за пропустите и слабостите на МАЕИ како носител на македонските процеси во Албанија, да се реорганизира Партијата на вонреден конгрес и заедно да продолжиме, да направиме силна партија која ќе биде конкурентна на политичките процеси во Албанија а не како досега како приврзок на еден партија, Социјалистичка партија“, рече Темелко.
Меѓутоа, браќа и сестри, слободата не е еднаш засекогаш дадена. За неа треба да се бориме и да се избориме. Ние сме Македонци по потекло, ние сме лојални албански државјани, ја почитуваме државата Република Албанија, но и натаму ќе се бориме за човековите и граѓански права и слободи на Македонците. За многу години празникот Илинден! Да сте здрави и живе сите. Поздрав и честитки до сите Македонци каде и да се во светот“, порача Темелко.
Средбата беше збогатена со македонски песни а се виореше и оро, за што покрај другите се погрижи и доајенот на македонската песна Круме Спасовски.






