За СДСМ и коалицијата блискоста на ВМРО-ДПМНЕ до Вашингтон е скршнување од стратешкиот курс на Македонија

Последните одлуки во меѓународната политика на владата на ВМРО-ДПМНЕ покажуваат скршнување од стратешкиот курс што може да биде закана по стабилноста на земјата. Ова е заклучокот на партиите од коалицијата на СДСМ кои се собраа денеска на Бихаќка.



Во соопштението ме се прецизира но јасно е дека за СДСМ и коалицијата добрите односи меѓу ВМРО-ДПМНЕ и официјален Вашингтон и македонската поддршка за резолуциите на САД во ОН е скршнување од стратешкиот курс на земјата.

Во објава со наслов ,,Опозициската коалиција ја јакне соработката со нов договор 🇲🇰”, СДСМ објавува дека денеска, во седиштето на СДСМ, се одржала средба на лидерите на партиите од коалицијата на која се разговарало за актуелната политичка состојба и потребата од нов меѓукоалициски договор и потпишување на нова платформа за соработка.

Заклучокот од средбата е дека власта за само девет месеци ги разочарала граѓаните, го уништила животниот стандард и ги запрела покачувањата на платите.

,,Сите лидери посочија дека економската состојба драматично се влошува, а ВМРО-ДПМНЕ со лошите политики креира економска криза и инфлација која го јаде стандардот. Коалиционите партнери заклучија дека има целосен застој и блокада во евроинтеграции на државата, а последните одлуки во меѓународната политика покажуваат скршнување од стратешкиот курс што може да биде закана по стабилноста на земјата.

Како одговор на овие предизвици, коалицијата предводена од СДСМ одлучи дека мора го зацврстува единството, да ја постави соработката на повисоко ниво и да покаже јасна подготвеност за сите идни политички предизвици, вклучително и за претстојните избори.

Со договорот кој ќе се потише наскоро ќе се потврди дека коалицијата останува стабилна, организирана и посветена на заштитата на националните интереси и обезбедување на политичка стабилност. На состанокот лидерите на партиите јасно ја истакнаа заложбата за демократските вредности, владеењето на правото и почитувањето на Уставот на Република Македонија”, стои во објавата.