За Радев, Илинденското востание ќе остане „симбол на духовното единство на Бугарите“

Покрај „ублажената“ официјална честитка до својата македонска колешка Гордана Силјановска-Давкова, бугарскиот претседател Румен Радев излезе со посебно „пригодно слово“ за Илинден.



„Илинденско-преображенско-крстовденското востание ќе остане симбол на духовното единство на Бугарите, без разлика на временските перипетии, на нескротливиот бугарски дух и копнежот за слобода и еднаквост“, напиша Радев на својот официјален профил на Фејсбук.

„Херојството на нашите предци од 1903 година и нивната саможртва во битката за правда нè обврзуваат денес да бдееме над нивниот свет спомен, над нашата историја и да сочувствуваме со стремежите на Бугарите во денешна Република Северна Македонија за почитување на нивните права и достоинство“, пишува во објавата на шефот на бугарската држава.

„Во судбоносната 1903 година Бугарите од Македонија и Одринска Тракија со својата крв испишаа славна страница во историјата на нашиот народ. Обединети од самопожртвуваното верују ‘Подобро смрт отколксу скотски живот!’, Бугарите кои се кренаа на Илинден, Преображение и Крстовден ја запрепастија Европа со својата решителност да престанат да бидат заложници на деспотската Отоманска империја“, додава Радев во писанието.

„Водени од својот сон за слобода, правда и национално единство, нашите сонародници од Македонија и Тракија ги напуштија семејството и домот, иднината и личната перспектива, многумина прифатија да бидат живи опеани“, пишува тој.

„Војниците и доброволците од слободна Бугарија масовно се вклучија во херојската тримесечна борба под раководство на Внатрешната македоно-одринска револуционерна организација (ВМОРО). Во зародокот на востанието, Главниот штаб на Битолскиот револуционерен округ ‘ја смета за своја должност да ѝ обрне внимание на чесната бугарска влада за погубните последици за бугарската нација, доколку таа не ја исполни својата должност кон своите родени браќа овде на импозантен и активен начин, како што се налага од силата на околностите и на опасноста што ѝ се заканува на целата бугарска татковина’“, додава Радев во својата ФБ-објава.