За Муртези Ахмети и ДУИ се „поттикнувачи на меѓуетнички инциденти“, а извршителите на „тероризам“ во „Диво насеље“ „тортурирани албански патриоти“?!

Башким Муртези, организацискиот секретар на Алтернатива, на средбата со партиски структури и активисти во скопско Арачиново ги обвини Али Ахмети и ДУИ дека „поттикнувале  меѓуетнички инциденти секогаш кога се гледале себеси во политичка опасност“. Ова го објави информативниот портал на албански јазик „Алфакс“ со наслов „Башким Муртези: ДУИ поттикнуваше меѓуетнички инциденти секогаш кога се гледаше себеси во политичка опасност“. Но високиот функционер на Алтернатива изнесе и проблематични ставови посебно во врска со настаните на 9 мај 2015 година кога голема група лица од Косово упаднале во кумановската населба „Диво Насеље“ и во 30-часовниот оружен судир со македонската полиција убиле 8 припадници на нејзините специјални единици, а раниле 37 припадници. Тогаш загинале и десеттина членови на оваа група, на која потоа ѝ судело за „терористичко загрозување на уставниот поредок на Македонија“. Триесет и тројца припадници на упаднатата косовска вооружена група биле осудени за тоа кривично дело, а за седуммина од нив била изречена казна доживотен затвор. Во врска со овие вителни безбедносни настани од пред девет години Башким Муртези, организацискиот секретар на Алтернатива, на споменатиот партиски собир во скопско Арачиново, според информацијата на „Алфакс“ дословно кажал: ‘Дали ДУИ го заборавија Куманово на 9 мај, кога беа убиени албански патриоти, само за да се спаси ДУИ? Кога цела една населба беше опколена од 4 илјади припадници на полициски единици и беше разурната, каде што беше извршена тортура и беа убиени 9 албански патриоти?“  На кого мисли Муртеза дека извршил „тортура врз албански патриоти“? Дали неговиот израз „тортурираните и убиени 9 албански патриоти“ се однесува на лицата од Косово, кои учествувале во извршувањето на кривичното дело „терористичко загрозување на уставниот поредок на Македонија“, каква што беше официјалната квалификација на судските органи и МВР за настаните во кумановско „Диво Насеље“ во 2015 година?



Во својата спомената информација „Алфакс“ има објавено: „Башким Муртези на средбата со партиски структури и активисти во Арачиново упати неколку прашања до Али Ахмети и ДУИ во врска со сите инциденти кога тие беа на власт. „Дали мислат Али Ахмети и ‘пациентот’ и ‘гебелсот’ Артан Груби  дека Албанците имаат толку кратко паметење? Забораваат ли на тепањето ученици во автобус, кога гласот нивен како партија воопшто не им се слушаше? Секогаш кога ДУИ се наоѓала во опасност во Скопје имало тепање ученици во автобус, во градскиот превоз. Тогаш немаше никаква реакција и никаква интервенција од ДУИ. Дали го забораваат Радишани кога македонските хулигани вршеа насилство врз албанските семејства и ги принудуваа да се иселат? Реакцијата на ДУИ беше нула.“

„Муртези го спомена и случајот со 9 мај, кога беа убиени албански патриоти, само за да се спаси ДУИ. ‘Дали го заборавија Куманово на 9 мај? Кога цела една населба беше опколена од 4 илјади припадници на полициски единици и беше разурната, каде што беше извршена тортура и беа убиени 9 албански патриоти? Дали ги заборавија Малина и Бреза, инцидентите, тортурите и насилствата? ДУИ мора да даде одговор на овие прашања пред да каже што се случува сега во Македонија?’ – рече Башким Муртези од Алтернатива.“