Уапсениот директор Мухсин Арифи од притвор ќе раководи со Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина.
Арифи кој денеска по барање на обвинителството доби 30 дена притвор за случај во кој барал 100 илјади евра од блиски на тежок пациент се уште е директор на болницата која меѓу народот е позната како “Геријатрија Ѓорче”.
Иако министерот за здравство Арбен Таравари имаше доволно време да го разреши вчера и денеска Арифи се уште не е сменет од својата функција која ќе ја врши и во затвор ако Таравари ме го смени итно.
Вчера Таравари јавно реагираше за апсењето на неговиот близок сопартиец и побара да му се суди по брза постапка.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поведе истрага против директорот на Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина во Скопје и уште едно лице, осомничени за примање поткуп и помагање при извршување на ова кривично дело. Двајцата добија 30 дена притвор.
Од Обвинителството наведуваат дека првоосомничениот – директорот на геријатриската болница – во период од 19 март до 8 април годинава во неколку наврати директно побарал значителна сума на пари за да смести пациент во здравствената установа.






