“За” и “против” синоќешниот скандал во Белата куќа

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа го прекина разговорот со Зеленски во Белата куќа, каде требаше да биде потпишан рамковен договор за експлоатација на украинските минерални суровини.



Трамп и потпретседателот Џеј Ди Венс истакнаа дека Зеленски покажал непочитување и неблагодарност кон САД. Трамп посочи дека Зеленски сè уште не е подготвен да стави крај на вооружениот конфликт и оти ризикува да почне трета светска војна.

Седуваа реакции „за“ и „против“ скандалот од една страна со поддршка на Зеленски, од друга – со поддршка на Трамп.

Експресно реагираа премиерите на Полска и на Шпанија, Доналд Туск и Педро Санчез, истакнувајќи оти Украина не е сама.

Туск на Икс напиша дека Зеленски и Украинците дека „не се сами“, а Санчез објави „Украино, Шпанија е со тебе“.

Британскиот премиер Кир Стармер соопшти дека синоќа телефонски разговарал и со Трамп и Зеленски.

„Тој (Стармер) ја потврди својата непоколеблива поддршка за Украина и ќе ја одигра својата улога во отворањето на патот за траен мир заснован на суверенитетот и безбедноста на Украина“, изјави портпаролот на британската Влада.

Европска Унија синоќа му порача на Зеленски дека ја има нејзината непоколеблива поддршка.

„Бидете силни, бидете храбри, не плашете се. Ние ќе продолжиме да работиме со вас за праведен и траен мир“, објавија претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта на Икс.

Претходно, претседателот на Франција, Емануел Макрон изјави дека „агресор е Русија, а нападната е Украина“.

И шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок посочи дека Германија и Европа се непоколебливо солидарни со Украина. Додека премиерката на Италија, Џорџа Мелони повика на „итен самит“ помеѓу Европа и САД и апелираше на обединетост на трансатлантските сојузници.

Таа додаде дека е потребна отворена дискусија за „како сакаме да се справиме со главните предизвици на денешницата, почнувајќи од Украина“.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан синоќа му се заблагодари на Трамп затоа што „храбро се заложил за мир“.

Орбан му кажа фала на Трамп: Силните луѓе прават мир, слабите мажи војна