Основното јавно обвинителство од Кичево донесе наредба за истрага против едно лице од селото Грешница, за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи.
„Во простории во сопственост на друго лице, а кои ги користел осомничениот, полицијата извршила претрес и пронашла поголемо количество оружје, делови и компоненти од огнено оружје и муниција – три автоматски пушки, 188 куршуми со калибар за автоматска пушка, една ловна пушка и 10 ловни патрони, како и една пушка – двоцевка. Бидејќи постојат околности, кои укажуваат на опасност од бегство, можност осомничениот да го повтори делото, како и можност да влијае врз сведоците во постапката, јавниот обвинител достави предлог за определување притвор до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Кичево. Предлогот е прифатен и на осомничениот му е определен притвор во траење од 30 дена.“ – соопшти Јавното обвинителство.





