Средбата на македонскиот премиер Зоран Заев на Србија која што започнува утре тргнува со лош впечаток од српскиот протокол според кој гостинот од Македонија во Белград не беше пречекан од највисоките претставници на домаќините ниту од некој вицепремиер.
За разлика од турскиот претседател Реџеп Таир Ердоган кој на аеродромот во Сурчин „Никола Тесла“ пред еден месец со голема помпа беше пречекан од страна на претседателот Вучиќ македонскиот премиер вечерва го пречека министерот за иновации и технолошки развој Ненад Поповиќ.
Поповиќ важи за најголем русофил во српската влада а како претставник на Вучиќ одржа говор на јубилејот од припојување на Крим кон Русија, што може да се толкува како индиректна порака од Москва за Заев по неговите антируски пораки дадени во Црна Гора.

Според најавата на српската влада Заев кој во Белград ќе се сретне со претседателот Вучиќ и премиерката Брнабиќ со домаќините ќе разговара за билатералните односи меѓу двете земји, за европскиот пат на Србија и Македонија и за засилување на економската соработка.
Премиерката Брнабиќ во септември на аеродромот Никола Тесла го пречека првиот лет на обновената авиолинија Пекинг – Белград но денеска не најде време да го дочека и македонскиот гостин.
Дел од српските аналитичари овој потег на официјален Белград го оценуваат како порака дека Заев ќе биде дочекан според меѓународниот протокол но дека тој не треба да се надева на исклучителна блискост се додека не докаже дека е вистински пријател на Србија.
Од преземањето на функцијата премиер Заев имаше неколку отворени конфликти со српските власти а најголемиот се случи откако во Август официјален Белград го повлече целиот персонал од својата амбсада во Скопје поради наводно учество на македонски разузнавачи во шпионирање на српски институции за сметка на западни државни и служби.
Посетата на Заев на Белград се случува неколку дена откако македонската православна црква побара од синодот на Бугарската православна црква да ја прифати како црква мајка што во Србија се толкува како приближување на Македонија до Бугарија на сметка на Србија.
Претседателот Вучиќ и голем дел од српската влада од Напредната партија се сметаат за блиски на СПЦ која што е навредена од потегот на МПЦ – ОА за кој се смета дека е направен во координација со македонската влада и премиерот Заев.






