Бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева очекува Македонија набрзо да го реши проблемот што Грција го има со нејзиното име и да почне преговори за членство со Европска унија, бидејќи, во спротивно, Русија и Турција се тука за да го пополнат просторот, смета таа.
„Европската перспектива за Западен Балкан не е важна само за Македонија и за другите земји од регионот, туку и за секоја европска земја. Стабилен и безбеден Балкан значи исто така стабилна и безбедна ЕУ. Геополитички, ако ние не сме присутни, тука ќе дојдат Русија и Турција, кои за тие земји имаат долгорочен интерес“, предупреди шефицата на бугарската дипломатија и вицепремиер за правосудни реформи.
Како претседавач со Советот на ЕУ во првите шесет месеци годинава, Бугарија најавува самит со земјите од регионот уште во февруари, бидејќи таков собир не е одржан веќе 18 години, нагласува таа, мислејќи на самитот во Солун 2000.





