Заев: И без решение за името сонцето пак ќе изгрее

Премиерот Зоран Заев верува дека може да се изнајде национален консензус во функција на решавање на проблемот со името, а не, како што рече, во функција на негово блокирање или повтoрно одложување – бидејќи сега бил вистински момент да се реши ова прашање.



– Во саботата имавме информативен состанок на кој ги споделивме сите можни информации што ги имамe јас и министерот за надворешни работи кои дојдоа од преговарачот за името Васко Наумовски. Изградивме стратегија, а јас презентирав како во иднина ќе настапиме…Сите треба да знаеме дека можеме да го решиме проблемот, но може и да не се реши. После тоа сонцето повторно ќе изгрее, но дали ќе не грее и дали нашите деца ќе продолжи да ги грее некаде по белиот свет e одлука на политичарите. Секако власта ја има најголемата одговорност, но убеден сум дека и претседателот на државата и опозицијата и сите политички чинители во општеството ќе бидат мудри да изнајдеме решение кое ќе го сочува достоинството и дигнитетот на нашиот народ и на нашата земја, рече Заев.

Премиерот дополни дека треба да внимаваме и на грчката страна, бидејќи „можеби решението ќе биде прифатливо за нас, а нема да помине во Грција или обратно, може ќе биде прфатливо за грчката,стрна, а нема да помине тука“. Потврди дека СДСМ останува на одлуката доколку се најде решение за прашањето за името народот да се изјасни на референдум.

– Ставот на СДСМ е да се изнајде решение заедно со опозицијата и на крајот конечното решение да биде потврдено на референдум. Тоа не е толку страшно, трагично или невозможно. Референдумот се организира согласно законите во брза постапка и ако застанем сите, пред се политичарите и да ги соопштиме своите ставови ќе му помогнеме на народот да излезе и да го каже својот став. Ова е пресуштествено прашање, но на него не гледам како на кочница или бариера, туку како дополнителна гаранција за Република Грција дека решението ќе биде трајно, конзистентно и останува за век и векови, рече Заев.

Тој нагласи дека на Нимиц, ќе му ги пренесат сите наши ставови со сите аргументации и додаде дека во тие ставови има грижа и за грчката страна, бидејќи, „цел ни е тоа да помине и во Грција“.

– Верувам дека таква е и целта на Грција, барем така беше презентирано пред мене од премиерот Ципрас дека истовремено му е многу важно тоа што е решение да помине и во Македонија, потенцираше Заев.