По речиси пет часа заврши лидерската средба на која шефот на државата и лидерите на СДСМ, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ ги разгледувале предлозите на посредникот на ОН, Метју Нимиц.
Премиерот Зоран Заев изјави дека е оптимист дека може да се најде национален консензус за ова прашање. Тој рече дека овој процес бара одговорност и дека е неопходна вклученост на сите, пренесе „Макфакс“
„Ова беше информативна средба за предложените идеи на медијаторот Метју Нимиц. Овој процес бара одговорност. Имаме цел да обезбедиме напредок и заштита на националните интереси. Неопходна е вклученост на сите“, рече Заев.
Тој додаде дека решение е можно ако има волја и од грчка страна. „Ние ќе продолжиме да преговараме“, рече Заев и додаде дека мора се внимава да не се наруши преговарачкиот процес.
Претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и претседателот на ДУИ, Али Ахмети, ја разгледувале иницијалната рамка за решавање на спорот кој Република Грција го има со уставното име на Република Македонија, која ја предложи медијаторот Метју Нимиц.
Посредникот во разговорите за разликите околу името, Нимиц, во среда доаѓа во Скопје, откако претходно ќе ја посети Атина.
Во Грција денеска, премиерот Алексис Ципрас имаше одвоени средби со лидерите на парламентарните партии и ги запозна со разговорите со македонскиот колега во Давос.
Грчките медиуми широко информираа за секоја средба поединечно и ги пренесуваа ставовите на партиските лидери кои искажаа целосно или делумно несогласување со начинот на кој премиерот ги води разговорите со Скопје.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас во телевизиско обраќање до грчките граѓани вечерва соопшти дека е постигнат напредок во преговорите за името, но дека има многу до конечното решение кое, според него, би содржело сложено име за севкупна употреба.
Тој рече дека најавеното преименување на скопскиот аеродромот и на автопатот е симболичен потег кој не го решава проблемот, но потенцираше дека нерешавањето ќе биде на штета и на Грција и на стабилноста на регионот.





