“Завера” пред мечот меѓу фудбалските репрезентации на Македонија и Албанија

Фановите на фудбалската репрезентација на Република Албанија се уверени дека барањето на Фудбалската Федерација на Македонија до ФИФА, мечот со репрезентацијата на Албанија во квалификациите за Светското првенство во фудбал во 2018. година да се игра vо Струмица, е завера против нив.



Според дел од навивачите на Албанија активни на социјалните мрежи целта на Македонската фудбалска федерација и УЕФА е да се спречат албанските навивачи да го „преплават“ Скопје каде што на националната Филип Втори Арена собира 33 илјади публика.

Во дел од коменарите на социјалните мрежи во кои Македонија се именува како ФИРОМ се вели дека ФФМ намерно се обидува да одбере најделечна локација за албанските навивачи, а некои велат дека и Италија го сторила истото, но тоа не било причина на тој меч да има илјадници албански навивачи.

Стадионот во Струмица собира само 6500 гледачи и за албанските фанови согласно пропозициите на УЕФА не може да има голем број карти.

ФФМ официјално побара од УЕФА квалификацискиот натпревар против Албанија да се игра во Струмица. За дел од стадионот, теренот и соблекувалните веќе е добиено зелено светло, но засега УЕФА има доста забелешки за инфраструктурата на стадионот и околу него. Главната забелешка за стадионот “Младост” во Струмица е тоа што нема две трибини кои што треба да бидат готови до пристигнување на комисијата на УЕФА, која треба да одлучи дали натпреварот Македонија – Албанија, ќе се игра во Струмица на 5 септември.

Засега стадионот “Младост” официјално е среден  за европските натпревари на Вардар. Пелистер и Шкендија кои што поради зафатеноста на Филип Втори во Скопје со европскиот Суперкуп, играат токму во Струмица.