Екс премиерот Зоран Заев одговори на информацијата на екс премиерот Груевски дека во Дубаи гради кула вредна 600 милиони евра.
Наместо да се пресмета со тој што ја објави информацијата Заев ги нападна сите тие што поверуваа на Груевски дека екс лидерот на СДСМ гради кула во Дубаи.
На социјалните мрежи малкумина јавно се посомневаа дека информациите не се точни.
Во реакцијата Заев не демантира ниту најавува дека ќе го тужи Груевски.
Груевски на својот Фејсбук профил објави дека Заев започнува изградба на кула од 82 ката во Дубаи, инвестиција од над 600 милиони евра.
,,Најголем дел од парите за оваа инвестиција се проневерени преку масовниот рекет како никогаш во постоењето на Македонија и со злоупотребата на власта во времето на неговото владеење, пари во готовина и потоа пренесени со приватен авион во Дубаи и ставени на банкарска сметка. Истовремено се подготвува и за нова голема инвестиција во една друга земја во Азија, охрабрен од помислата дека ги решил сите прашања за негова неказнивост по сите можни основи”, објави Груевски.
,,Колку треба човек да е забеган во умот да кажува и тврди вакви глупости. Суетните само чекаат да се фатат на вакви будалаштини за да си ја залечат суетата. А некои луѓе кои многу добро и јас ги познавам а и тие мене, овде коментираат нешто во што и самите не веруват ама и јас и тие добро знаеме зошто тоа го прават. Заеви вработуваат преку 1.000 луѓе во Македонија. Така било пред да бидам во политика, така било додека сум бил во политика, така е и сега. Ве гушкам камелеони офарбани со сите бои”, коментираше Заев на споделена објава на вест според информациите на Груевски.






