„Журнал“: Максим е маргиналец, кого никој не го прашува за албанското знаме! – Тој не знае да игра во првата политичка лига!

„Максим Димитриевски е маргинална личност, а последните избори покажаа дека не знае да игра во првата политичка лига. Тој реагираше во врска со албанското знаме, бидејќи е фрустриран, поради поразот од Апасиев. Димитриевски се надева дека со спротивставувањето на албанското знаме ќе успее да ја совлада Левица. Но ваквите импровизации се залудни и не допираат до гласачите а тој ќе го забележи тоа на следните локални избори.“ – реагира остро информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својата редакциска анализа со наслов „Знае ли Максим дека не е чинител, што се прашува за албанското знаме, и оти само се обидува да им донесе корист на гласачите на Левица?“. Оваа информативна агенција повремено искажува ставови, кои се блиски до ставовите на политичарите-Албанци од некогашната „Огнена група“ во ДУИ, а кои се денес дел од албанската коалиција Вреди. Оттука, се отвора дилема: дали ставовите во оваа редакциска анализа се своевидна порака од политички личности од коалицијата Вреди до коалицискиот партнер во владата, до лидерот на Знам Максим Димитриевски?



Покрај другото, „Журнал“ во својата редакциска анализа пишува: На провокативното прашање на директорот на Канал 5 во неговата емисија Максим Димитриевски одговори дека ќе ја напушти Владата, ако уште еднаш министрите на Вреди во владиниот кабинет го постават албанското знаме.

„Минатата недела вицепремиерот Изет Меџити ги собра министрите на Вреди на координација во Владата во Владата си таму го постави албанското знаме, иако немаше ниеден функционер од Албанија, туку само наши граѓани од Македонија. Како ќе реагирате на овој чин, кој е политичка узурпација на системот?“ – праша директорот на Канал 5.

„Би реагирал исто како што реагирав во врска со претседателот на Собранието Талат Џафери, иако не го фативме тој момент. Ако продолжи албанското знаме да стои таму уште еднаш, нема да бидеме дел од Владата, ќе ја напуштиме.“ – изјави Максим Димитриевски.

Јавното мислење веднаш почна да прашува: „Што е со Максим Димитриевски со албанското знаме?“, кога тој не се прашува за поставување, ниту за отстранување на албанското знаме. Тој е маргинална личност, а последните избори покажаа дека не знае да игра во првата политичка лига. Во рок од две недели, меѓу првиот круг од претседателските избори и вториот круг од парламентарните избори, Димитриевски загуби толку многу гласови, што заостана зад Левица на Апасиев. На претседателските избори беше во плус со 12 илјади, а на парламентарните беше во минус од 12 илјади гласови во однос на Левица.

Неговата реакција е последица од фрустрацијата поради поразот од Апасиев. Максим Димитриевски се надева дека со спротивставувањето на албанското знаме ќе успее да ја совлада Левица. Тоа е залудно, бидејќи овие импровизации не допираат до гласачите и тој ќе го забележи тоа на следните локални избори.

Реакцијата на Димитриевски против албанското знаме доаѓа во време кога засрпските кругови во Скопје ја изразуваат својата фрустрација, поради тоа што македонските Албанци на последните избори покажаа дека можат да направат демократски политички промени. Станува збор за засрпски кругови, кои деноноќно работеа да се случат демократски промени кај сите други етнички заедници, но не и кај Албанците, со цел да ги докажат своите вековни теории дека Албанците немаат демократски државотворни капацитети и оти со нив како такви треба да управува Србија. Ќе се види наскоро дали изјавата на Димитриевски се поклопува со овие трендови.