„Журнал“: Вилијамс нема да им помогне на Ахмети и ДУИ да се вратат на власт, тој е експерт за договори по судири, а во РМ нема судир!

„Ангажманот на американскиот професор и експерт Пол Вилијамс нема да ѝ помогне на ДУИ да се врати на власт, иако таа одржува атмосфера во стилот ‘ќе се вратиме наскоро во власта’, до локалните избори. Вилијамс е експерт за договори по судири, но во Македонија нема судир! Тој заврши во 2001 година и тешко дека некој би се вклучил во некој нов судир! Тимот на Вилијамс секако дека ќе изготви заклучоци, кои ќе одат во прилог на тврдењата на ДУИ дека треба да бидат ‘легитимни претставници’ на Албанците и на заедниците во Владата. Но таквите заклучоци нема да бидат обврзувачки.“ – нагласува информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својата редакциска анализа со наслов „Кој е американскиот експерт Пол Вилијамс, ангажиран од Али Ахмети? Дали може да ја врати ДУИ на власт?“.

„Журнал“ пишува: Потпретседателот на ДУИ Арбер Адеми најави дека лидерот на партијата Али Ахмети ќе ангажира меѓународен тим, предводен од Пол Вилијамс, како што пишува Адеми, „за да најде решение за непочитување на волјата на гласачите“. „Претседателот Али Ахмети најави низа активности за почитување на Охридскиот договор и етничкиот легитимитет што произлегува од духот на тој договор. Затоа тој ангажира меѓународен тим на експерти, предводен од Пол Вилијамс, кој е автор на текстот на Охридскиот договор во 2001 година.“ – напиша Адеми.

Може ли ангажманот на американскиот професор и експерт Пол Вилијамс да помогне за брзо враќање на ДУИ на власт? Одговорот е не. Тој и неговиот тим секако ќе донесат заклучоци, кои одат во прилог на тврдењата на ДУИ дека треба да бидат „легитимни претставници“ на Албанците и на заедниците во Владата, но нивните заклучоци нема да бидат обврзувачки.

Сериозна виртуелна „игра“!

„Играта“ е секако добро осмислена. Повикувајќи го американскиот експерт вилијамс, вклучен во подготовката на Охридскиот договор, ДУИ ѝ дава сериозност на одлуката да го ангажира него и прави некаква аналогија со сериозните времиња од 2001 година. Создавањето ваква атмосфера, колку и да е виртуелна, е повеќе од потребна за оваа партија во време кога голем дел од ’20-те илјади војници на ДУИ’ заедно со илјадници други од ‘резервниот состав’ на оваа партија чекаат во редици пред вратите на владејачките партии од коалицијата Вреди, додека профилите на новите министри и директори се преплавени со „лајкови“ – „ми се допаѓа“ и со „срца“ на социјалните мрежи.

Целта на ДУИ е да ја одржи таквата атмосфера во стилот „ќе се вратиме наскоро во власта“, до локалните избори, на кои ДУИ за првпат по многу години ќе се натпреварува како опозициска партија, без да ги има под контрола „ демократските капацитети“ на централната власт, ниту „демократските капацитети“ на локалната власт во некои големи општини како Тетово, Гостивар, Чаир… Но, разочарувањето може да дојде по 6 месеци, кога ќе стане јасно дека заклучоците на професорот Вилијамс, колку и да бидат убаво формулирани, ќе бидат само советодавни, а не со извршна сила и оти тие нема да можат да ја вратат партијата на Ахмети на власт.

Тоа го знаат и во ДУИ. Свесно, или несвесно, поранешниот пратеник Арбер Адеми предупреди дека професорот Вилијамс и неговиот тим „работат на некои предложени идеи, за да се оневозможат во иднина непочитувањето на волјата на гласачите и прекршувањето на духот на Охридскиот договор, нагласувајќи дека суштината на Охридскиот договор е да се спречи мнозинското владеењето на мнозинството (мајоризацијата) над втората по големина заедница во земјата, со што се промовира така вистинска мултиетничка и консензуална демократија“. Некако може да се претпостави дека ДУИ прифатила да биде опозиција во следните четири години, а заштита од „мајоризацијата“ се бара „во иднина“. Многу голема е дилемата: колку ќе има потреба да биде заштитена од мајоризација партијата со 22-годишно искуство на власт по четири години во опозиција и со реални шанси за пораз на следните локални избори ?!

Вилијамс е експерт за договори по судири, но во Македонија нема судир!

Пол Р. Вилијамс докторирал во Универзитетот во Кембриџ. Тој е професор во Американскиот универзитет, каде што предава на Факултетот за меѓународна служба и во Колеџот за правда во Вашингтон. Во 2010 година му беше доделена титулата „Научник/Предавач на годината“ на Школата за меѓународна служба при Американскиот универзитет, што е највисоко признание на оваа школа. Тој е претседател и соосновач на Групата за јавно меѓународно право и политика – невладина организација, која нуди бесплатна помош на земјите и владите, вклучени во преговорите за мир, во изготвување устави по судири и кривично гонење на криминалците на војната. Тој беше и консултант во Бошњачкиот институт со седиште во Лондон повеќе години непрекинато.

Вилијамс им помогна на дузина држави и страни во големите меѓународни мировни преговори, во изготвување законодавство и планирање политики, како и изготвување устав по судир преку неговата работа како претседател и соосновач на на Групата за јавно меѓународно право и политика. Вилијамс има практичен и иновативен пристап за обезбедување „pro bono“ – доброволна и бесплатна помош на клиентите. Пол Р. Вилијамс служеше како дел од делегациите во преговорите за Дејтонскиот договор (за Босна и Херцеговина), Договорот од Рамбуе и преговорите во Париз (за Косово), преговорите за Охридскиот договор (за Македонија) и преговорите Подгорица/Белград за Србија и Црна Гора. Тој ги советуваше страните во преговорите на Ки Вест за Нагорно-Карабах, преговорите во Осло и Женева за Граѓанската војна во Шри Ланка, преговорите за грузиско-абхазискиот судир и мировните разговори во Сомалија.

Со исклучок на преговорите Србија / Црна Гора Вилијамс во сите случаи бил дел на делегациите, кои посредувале во постигнувањето договори по војните и судирите. Во Македонија конфликтот заврши во 2001 година и тешко дека некој би прифатил да се вклучи во некој нов конфликт.