Министерството за животна средина и просторно планирање денеска во Новаци одржа јавна расправа по студијата за оцена на влијание врз животната средина за проектот „Експлоатација на јаглен од наоѓалиштето Живојно со површинска технологија“. Отворањето на ‘Живојно’ има за цел дополнително да ја намали производствената цена на струјата во РЕК Битола, а обезбедувањето јаглен од локални извори претставува стратешки чекор за непречено производство на електрична енергија до целосен премин кон зелено сценарио, беше истакнато на денешната јавна расправа во Новаци.

Активирањето на наоѓалиштето Живојно, кое според истражувањата има околу 24 милиони тони јаглен, ќе овозможи АД ЕСМ, заедно со резервите од ПЈС Суводол и Брод Гнеотино целосно да ги покрие потребите од овој енергенс од сопствено производство, со што ќе се минимизира или целосно ќе се надмине потребата од увоз на примарно гориво. Дополнително, тоа поволно ќе влијае на животната средина со драстично намалување на секојдневното транзитирање на тешки товарни возила преку патната инфраструктура на Битола и на Новаци кои транспортираат набавен јаглен за потребите на термоблоковите. Динамиката за експлоатација ќе се одвива во период од седум години до десет години во зависност од процесот на целосна енергетска трансформација.

Првите две до три години се подготвителни работи за целосна експлоатација на јаловинските маси. Квалитетот на јагленот е поволен и поевтина варијанта, наспроти увозниот јаглен, што во моментов се користи во РЕК Битола.
Од АД ЕСМ информираа дека за активирање на наоѓалиштето ќе се спроведе и процес на експропријација на дел од земјиштето. По завршувањето на експлоатацијата на јаглен, земјиштето ќе биде вратено во првобитна состојба, а делот што нема да може да се врати во сегашна состојба ќе биде оплеменет со мерки во функција на заштита на животната средина, истакна Тони Ангелески, помошник директор во секторот за развој, инвестиции и проектирање во РЕК Битола.


Имено, Живојно ќе значи финансиска консолидација на ЕСМ на краток и на среден рок и ќе овозможи значајни средства за инвестиции во нови проекти од обновливи извори, како и во паметни еколошки решенија и мерки за унапредување на квалитетот на животната средина.






