Ефтов: Груевски го чека силен удар, и Никола Димитров меѓу ривалите

Според новинарот Васко Ефтов лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Никола Груевски покрај ударите што ги трпи од американскиот амбасадор Бејли, СЈО и невладините структури кои што се сега дел од СДСМ допрва го очекува најтешкиот удар.



Ефтов анализира дека Груевски ќе се соочи до внатрепартиски удар кој ќе го зададат реформаторите во партијата и во македонската десница. Меѓу тие кои што ќе му зададат удар на Груевски тој ги споменува и Љубчо Георгиевски, Љубе Бошковски и актуелниот шеф на дипломатијата Никола Димитров. Дополнително Груевски ќе биде притиснат и од иницијаторите за формирање на про – руска партија која што може да му одземе гласачи, анализира новинарот кој остана без емисија откако ја прекина соработката со Канал 5 поради наводна цензура.

Според Ефтов проблем на ВМРО – ДПМНЕ е што кога на Груевски ќе му залепат „фластер“ во партијата нема друг човек што може да ја игра политичката игра со успех. Одземањето на неговито пасош на барање на СЈО има за цел да го оневозможи да патува низ светот и да биде вистински политички фактор.

Според Ефтов, Груевски добро ја научил лекцијата и затоа сега се обидува да се смири со Американците и со Албанците  – но има само една шанса да се врати на голема врата во политиката.

Шансата според него е брз крај на политичката криза и враќање на ВМРО – ДПМНЕ на власт без „руските опашки“ и со исклучиви приоритети кон ЕУ и НАТО по што Бејли во Вашингтон ќе може да каже дека во земјава не интервенирал поради лични ставови туку дека успеал во мисијата да го намали влијанието на Москва во Македонија и ги спасил националните интереси на САД.