Ракометарите на Еурофарм Пелистер загубија во Лисабон со 30:24 од Спортинг во продолжението од Лигата на шампионите по Светското првенство, а со сензационалниот триумф на Висла Плоцк над Пари Сен Жермен од 31:28 среде Париз ѝ го отстапија шестото место во групата, последно што води во осминафиналето.
Резултатот во Португалија не го отсликува развојот на настаните во натпреварот од 11. коло, бидејќи во 37. минута беше 17:17, а домашниот тренер Рикардо Кошта во средината на вториот дел побара тајм-аут по двата гола едноподруго на Филип Кузмановски за намалување на 21:19.
Капитенот на македонската репрезентација погоди и третпат во низа за 22:20, по што следуваше црн период за гостите од Битола до погодокот на Самоил Ристевски за 29:22 четири минути пред крајот, кога веќе беше јасно дека бодовите ќе останат во Лисабон.
Токму Кузмановски беше најефикасен во поразениот тим со 6 гола од 15 обиди, пред Усама Хосни со 5/8, а Жарко Пешевски застана на 4/5.
Предводен од бековите Роча Салвадор (8/9) и Франсиско Кошта (5/7) на полуфиналистот на неодамнешното СП, заедно со Исланѓанецот Ори Торкелсон (7/7), Спортинг се проби до второто место, кое води директно во четвртфиналето.
Во следниот круг на 20 февруари Еурофарм Пелистер ќе го пречека Динамо Букурешт.






