Демократската унија за интеграција (ДУИ) по трагичниот пожар во Кочани, во кој животот го загубија 60 млади лица, ја нагласува „итната потреба за одговорност и обезбедување почитување на сите стандарди за да се спречат вакви трагедии во иднина“. Во своето етнички интонирано соопштение, во кое партијата на Али Ахмети се прави „слепа“ за притворањата и Македонци и припадници на други етникуми, на сите осомничени без оглед на етничка и политичка припадност, пласира неаргументирано тврдење за наводно „загрижувачко однесување на сегашната влада на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од премиерот Мицкоски“, која „апсела Албанци за да се предизвика етнички раздор“?!
„Наместо да преземе брза и решителна акција и да ги повика на одговорност оние кои се вистински виновни, владата се вклучи во активности за бегање од одговорност на актуелните функционери и се оддаде на создавање непотребни етнички тензии. Во моментов Мицкоски со неосновано апсење на Албанци се обидува да предизвика меѓуетнички тензии, како параван за неуспесите на владата и како алатка за предизвикување етнички раздор.“ – тврди ДУИ.
Партијата во соопштението додава дека „најостро ги осудува неодамнешните апсења на поединци, кои, немаат врска со трагедијата, како средство за оттргнување на вниманието од вистинските виновници“. „Овие постапки без докази покренати од институциите на Мицкоски, служат за насочено третирање поединци за политички цели Додека се користат поединци како жртвени јагниња, оние на моќни позиции, вклучително сегашни министри и директори, остануваат на слобода и покрај нивната целосна одговорност за оваа трагедија.“ – убедува ДУИ во своето соопштение.
Според неа, „институциите треба да спроведат темелна и транспарентна истрага за трагедијата во Кочани, базирана врз докази, со тоа обезбедувајќи гаранции дека вистински одговорните лица ќе ги сносат последиците, без разлика на нивната политичка определба“.






