„Ние, Албанците, станавме народ, кој раководи со оваа држава. Ние не сме само народ, кој има претставници во некои маргинални министерства, кои само застапуваат интереси. Не, ние, Албанците денес заеднички раководиме со државата, дури и раководиме со неа, со оглед дека имаме премиер и имаме важни државни институции. Ова не може никој да го потцени дека е исклучително достигнување на Албанците!“ – изјави вчера министерот за надворешни работи и претседателски кандидат од ДУИ Бујар Османи во дебатната емисија „Политика“ на локалната телевизија на албански јазик „Глоби“ од Гостивар.
ТВ Клан Македонија ги пренесува и овие ставови на Бујар Османи, изнесени во емисијата „Политика“: Тој инсистира дека „Албанците мора да го задржат овој политички курс“ и „стратегиската јасност“. „Затоа мојата претседателска кандидатура е насочена, пред сè, кон тоа да испратам порака дека наредните години се години кога * Македонија треба да влезе во Европската Унија. Ние овде не играме политичка игра, не правиме политички експеримент, туку упатуваме порака дека човекот, кој ги започна преговорите со ЕУ, сега треба да го заокружи овој процес од позицијата претседател на државата!“ – нагласи Бујар Османи.





