Владата на Естонија ја разгледува можноста за испраќање војници во Украина, кои би ги замениле локалните војници на позиции кои не се директно поврзани со фронтот и со тоа делумно би ги ослободиле да бидат испратени во директна борба, изјави естонскиот советник за национална безбедност Мадис Рол за „Брејкинг дифенс“.



Рол објасни дека извршната власт во моментов прави анализа на потенцијалниот потег. Иако повеќе би сакале да дејствуваат во поширока коалиција (НАТО), тој не ја исклучува можноста Естонија тоа да го направи во помала.

„Разговорите се во тек. Треба да ги разгледаме сите можности. Нашите умови не треба да бидат ограничени на она што можеме да го направиме“, рече советникот на 10 мај во претседателската палата.

Тој, исто така, истакна дека „не е незамисливо“ земјите од НАТО што се противат на таков потег да го сменат своето мислење „како што одминува времето“.

Шефот на Рол, естонскиот претседател Алар Карис, има позиција со многу церемонијални должности во однос на премиерот на земјата Каја Калас, но тој, сепак, е врховен командант на Естонија и клучна фигура во надворешната политика.

Коментарите на Рол дојдоа откако шефот на естонските одбранбени сили, генерал Мартин Херем, изјави за „Брејкинг дифенс“ претходно минатата недела дека имало дискусии во војската пред неколку месеци за испраќање војници во западна Украина за преземање позиции како што се медицински услуги, логистика или противвоздушна одбрана во некои западни градови.

Германија и САД цврсто ја отфрлија идејата за испраќање војници. Американскиот амбасадор во Естонија, Џорџ Кент, за „Брејкинг дифенс“ ја посочи политиката на администрацијата на Бајден да ѝ помогне на Украина преку значителни пакети помош, но со цврста посветеност да не испраќа американски војници.