Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган одржа итен состанок со шефовите на разузнавањето и Министерството за правда, откако лидерот на Турската националистичка партија, Девлет Бахчели предупреди на можноста за обид за државен удар, објави Sabah (Сабах).



Ден претходно, Генералното обвинителство на Анкара започна истрага против тројца полицајци од управата на главниот град во врска со нивната вмешаност во криминалната организација Ајхан Бора Каплан. Нивните куќи се претресени.

Сојузникот на Ердоган Бахчели најави дека може да има завера и отстранувањето на неколку полицајци нема да реши ништо.

Бахчели предупреди на можноста од нов обид за државен удар во земјата.

Вчера турските власти приведоа 544 лица во операција против мрежата ФЕТО, обвинети за организирање на обидот за државен удар во летото 2016 година.

Акциите против групата како дел од операцијата со кодно име „Клешти-15“ беа спроведени во 62 (од вкупно 81) окрузи во земјата.

Утврдено било дека осомничените по инструкции на одговорни припадници на ФЕТО биле упатувани на приемни испити за државните институции, а со посебни шифри им било гарантирано дека ќе го положат испитот. Некои од осомничените биле и корисници на ByLock, шифрираната комуникациска програма на организацијата ФЕТО.

Министерот за внатрешни работи Али Јерликаја истакна дека нема да дозволат членовите на организацијата да избегаат од одговорност.

„Нашите операции ќе продолжат одлучно со извонредните напори на нашите безбедносни сили во име на мирот, единството и солидарноста на нашата сакана нација“, напиша министерот во објавата на социјалната мрежа ‘Х’.

Во 2016 година имаше обид за државен удар во Турција кој беше смирен за неколку часа. Како резултат на судирите ширум земјата загинаа 241 лице, а над 2 илјади беа повредени. Над 40.000 луѓе се уапсени во Турција под сомнение дека го организирале пучот и учествувале во него.

Во земјата неколку месеци беше воведена вонредна состојба.

Според турските власти, групата ФЕТО на муслиманскиот проповедник Фетула Ѓулен со седиште во САД стои зад обидот за пуч во јули 2016 година.