Елмас стрелец за Торино во победата над Монца (ВИДЕО)

Елиф Елмас покажува дека го оставил зад себе кошмарот во Лајпциг, погодувајќи за Торино и во победата од 2:0 на гостувањето кај Монца во 27. коло од италијанската Серија А.



Македонскиот фудбалски дијамант го отвори резултатот во 41. минута со својот втор гол за тимот во кој дојде во зимскиот преоден рок како зајмен играч од бундеслигашот, откако беше стрелец и во дебито за торинците против Болоња.

Третиот настап за Торино му го донесе признанието за играч на натпреварот на 25-годишниот играч за врска на репрезентацијата на Македонија.

За Елмас ова е 21. гол во најсилната конкуренција во Италија, заедно со 19. во дресот на Наполи, со кој ја освои и шампионската титула.