Сите уцени и ултиматуми од Бугарија, нерационални барања и поставување услови кои немаат никаква врска со европските вредности и исполнување на Копенхашките критериуми, сите сопки изминативе години – покажуваат дека единствената цел на источниот сосед е негирање на македонскиот идентитет. Колку и да звучат некои политичари од таму слаткоречиво, во однос на вербалната поддршка за македонските евроинтеграции, на дело ја гледаме политиката која експерите ја поврзуваат со сревновековна и нецивилизациска реторика. Дебатата во ЕП за извештјаот за Македонија, ќе биде тест за Бугарија, дали и натаму ќе продолжи да се служи со ултиматуми, но и тест за целата Европска Унија, колку ги почитува европските вредности.
„Мислам дека е повеќе од наивно да се очекува било каква промена во бугарските полтиики. Тие се стари 150 тина години и се потврдувани речиси секој ден. Имаме три резолуции на Собранието каде е постигнат апсолутен консензус, тоа е политика и тоа трае и ќе продолжи да трае уште можеби 50 години. Ние треба да направиме се, да помине извештајот во ЕП, но да не се понижуваме и залажуваме, тоа ќе биде само хартија, нема да има придонес во нашиот напредок, но факт е дека тоа ќе биде силна шлаканица врз Софија и Атина за нивните средновековни и нецивилизасиски барања. Да не забораваме, тоа е тест за европската цивилизација и за европската вредност и позиција. Се работи за многу суштинско прашање, но да не бидеме наивни. Се околу нашиот идентитет, треба сами да се бориме“, вели поранешниот амбасадор, Ристо Никовски.
Ако Бугарските европратеници се против еден извештај за Македонија, кој излегува редовно секоја година, што останува за покрупните чекори во самиот евроинтегративен процес? Експертите сметаат дека не може слепо да се верува дека Бугарија нема да не блокира и на секое поглавје откако официјално ќе почнат пристапните преговори. Сепак, според Никовски, за прв пат, на европската дипломатска сцена се бранат националните интереси, за разлика од минатото, кога претходната влада голташе кнедли и се согласуваше на се.
„Поддршката која ја добиваме на вербален план, постои, политиката на сегашната влада е апсолутно позитивна, прв пат ги браниме нашите национални интереси, претходната влада голташе кнедли и се согласуваше на се. Ние за да излеземе од ќорсокакот во кој се наоѓаме, мораме да го расчистиме самите ние ако очекуваме било каква промена од Брисел или Софија, и Атина која е прикриена, нема ништо да добиеме. Излезот може да биде само откажување на вториот протокол со Бугарија, со што ќе падне во вода ултиматумот за уставни измени. Нашиот клучен момент не се уставните измени, проблемот е во преговарачката рамка“, додава Никовски.
Експертите очекуваат конструктивност од европратениците за извештајот во кој се признати македонскиот идентитет и јазик. Ако бугарските европратеници опстојат на овие обиди за негирање на идентитетот, со амандамните кои ги поднесоа во текстот да стои „сегашен идентитет“ – ќе се покаже дека уставните измени не се единственото барање на Бугарија туку нејзината цел е друга, – во секоја прилика да го негира идентитетот на Македонците и да ја блокира земјава на патот кон ЕУ.
Извештајот за Македонија подготвен од известувачот Томас Вајц треба да се гласа во Комитетот за надворешни работи на ЕП на 24-ти јуни. Еднаш веќе беше одложен откако бугарските европратеници кренаа тензии околу спомнувањето формулации „ македонски идентитет“ и „македонски јазик“, а бараа и истрага за начинот на кој до Македонија наводно протекле нацрт текстови и детали од извештајот.
Во документот, меѓудругото, се потсетува на потребата, Македонија да го искористи моментот за да продолжи со евроинтегративниот процес и се забележува дека земјава продолжува да покажува посветеност на патот кон ЕУ и усогласеноста со политиките на блокот.






