Македонија и Грција се блиску до решение за долгогодишниот спор за името, при што „Нова Македонија“ се чини најверојатно во моментов, „но ако се обидуваат да преговараат дали, на пример, ЕУ може да им се обраќа на граѓаните на Македонија како на ‘Македонци’, разговорите ќе пропаднат“, пишува магазинот „Економист“.
Во своето најново издание британскиот неделник објаснува „Зошто Македонија сè уште има второ име“, како што е и насловот на написот, кој го пренесуваме во целост:
„По речиси четврт век Македонија, најјужниот дел од одамна исчезнатата Југославија, е наречена ПЈРМ од Обединети нации, ЕУ и многу други организации. Ова се однесува на Поранешна Југословенска Република Македонија. Тоа е дел од бизарен проблем што преовладува во односите на Македонија со нејзиниот сосед Грција од нејзината независност во 1991 година. Минатата седмица преговорите посредувани од ОН, кои би можеле да ѝ помогнат на Македонија да добие покана за членство во НАТО и да почне преговори за пристапување во ЕУ (и двете во моментов блокирани од Грција) продолжија по три години. Постои добра волја на двете страни. Радмила Шеќеринска, македонски министер за одбрана, ги опишува разговорите како „огромна можност“ за решавање на ова прашање.
На некои јазици ‘Македонија’ е име за овошна салата. Тоа е така поради тоа што историскиот отомански регион Македонија беше составен од толку многу различни народи. Историски, Евреите ја сочинуваа најголемата поединечна група во пристанишниот град Солун. Регионот исто така беше дом на Турците, Грците, Албанците, Бугарите, Србите и на другите Словени. Тој беше поделен со балканските војни од 1912-13. Југот стана грчки, друг мал дел бугарски и остатокот дел од ‘Јужна Србија’. Во 1944 година југословенските комунисти решија дека таа ќе стане една од шесте републики на Југославија. Ако на нејзиното мнозинско словенско население еднаш му недостигаше силен македонски идентитет како на Србите или на Хрватите, тоа се промени од 1991 година.
Кога се распадна Југославија, Грција го блокираше признавањето на Македонија од членките на претходникот на ЕУ, Европска заедница. Таа тврдеше дека името имплицирало територијални амбиции кон грчка Македонија. Прашањето стана основа за повик за протести од грчките националисти. Само луѓето од грчка Македонија имаат право да се нарекуваат себеси Македонци, тврдеа тие. Повеќето немаа ни малку идеја дека, колку што тие се мислеа себеси за Грци и Македонци, толку и нивните југословенски соседи, исто така, имаа двоен идентитет. Во 1995 година беше постигнат договор. Во очекување на финалниот договор Грција нема да ја блокира Македонија да се приклучи кон меѓународни организации ако се нарекува себеси БЈРМ. Во следните години грчките лидери се согласија дека Македонија може да го користи своето име, но само со одредница, како ‘Нова’ или ‘Горна’. Меѓутоа, во 2008 година Грција го спречи НАТО да ја покани Македонија да му се приклучи, а оттогаш ја запира и ЕУ од отворање пристапни преговори. Тогашната популистичка влада во Македонија одговори со слична националистичка страст. Покрена кампања за преименување на стадиони и автопати по Александар Велики и неговиот татко Филип Македонски и им подигна статуи. Многумина Грци го зедоа ова како доказ дека Словените сакаат да удрат на нивниот хеленски идентитет.
Новата македонска влада, која е на власт од мај, и грчката влада притисната од економските предизвици, се прилично посветени на подобрувањето на односите. Но, многу националисти во двете земји се подготвени да торпедираат каков било договор. Најголемото прашање го засега идентитетот. Двете влади може да се согласат за името за Македонија (се чини дека Нова Македонија е најверојатно во моментов). Но, ако тие, исто така, се обидуваат да преговараат дали, на пример, ЕУ може да им се обраќа на граѓаните на Македонија како на ‘Македонци’, разговорите ќе пропаднат. Европска иницијатива за стабилност, тинк-тенк, предложи зачудувачко решение за ова прашањ. Еднаш напиша хартија во која го опиша таквото решение со изразот ‘Чекајќи го Годо’: игра во која двајца пријатели чекаат засекогаш некој да дојде. Не очекувајте тој да пристигне во 2018 година – иако баш би можел“.





