На помпезно промовираниот „Европски фронт“ со потписот за предизборна коалиција на ДУИ и Народното движење на Скендер Реџепи-Зејд уште „неиспилен“ му се заканува фијаско поради размислувањето на крилото на Алијанса за Албанците на Зијадин Села и на Европската демократска партија на Аријанит Хоџа за самостоен настап поради незадоволство од понудата на Али Ахмети, дознава ТВ 21.
„Извори на ТВ 21 велат дека во АА на Села и во ЕДП на Хоџа има незадоволство од понудата на интегративците за пратеници и функции. Се дознава дека ДУИ му понудила на Села 3 пратеници, а тој барал 5 мандати. Незадоволство има и во ЕДП на Аријанит Хоџа. Извори на ТВ 21 информираат дека на Хоџа му биле понудени недобитни места на листата во шестата изборна единица, а во втората единица е предложено Басри Бајрами да биде ставен на петтото место на изборната листа. Според она за што разговарале, се дознава дека Села треба да биде на листата во шестката, Кренар Лога во петката и Хоџа во двојката“, се вели во прилогот на ТВ 21.
Покрај ДУИ, партиите на Реџепи и на Хоџа, како и крилото на Села во АА, „Европскиот фронт“ треба(ше) да го сочинуваат и партии на Турците, Бошњаците и Ромите.