Евакуирани сите српски дипломати од Скопје

Српското министерство за надворешни работи денеска на консултации ги повлекло сите свои дипломати од амбасадата на оваа земја во Скопје.



Како што јавува телевизија Телма, на барање на српските власти кои се повикале на параграфите на Виенската конвенција, македонското МВР ја зголемило безбедноста на објектот на српската амбасада во населбата Водно во Скопје.

Ниту македонските ниту српските власти не откриваат официјално кои се причините за овој невообичеан потег на северниот сосед.

Неофицијално безбедносни извори велат дека ваков потег може да се случи само поради информации за директна опасност за амбасадата од терористички напад или пак доколку дошло до драматично влошување на односите меѓу двете држави при што е загрозена безбедноста на српските дипломати.

Србија и српските официјални лица заедно со властите во Македонија, Косово, Албанија, Црна Гора и Босна во последниве две години добија повеќе јавни закани дека ќе бидат цел на терористички напади на ИСИС.

Пред дваесетина дена српските медиуми повикувајќи се на безбедносни извори јавија дека во игра е сценарио за кое Белград го информира Скопје, според кое Албанци облечени во српски униформи ќе влезат во граничниот појас меѓу Србија и Македонија што требало да предизивика тензии неѓу двете земји.