Оствареното зголемување на приходите во 2022 година и понатаму не е доволно за покривање на расходите за социјални бенефиции, истите се покриваат со одвојување на средства од Буџетот и учествуваат со 33,58 проценти во вкупните приходи на Фондот, констатирал Државниот завод за ревизија во денеска објавениот конечен ревизорски извештај на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Ревизорите утврдиле дека и во 2022 година не се надминати утврдените состојби од претходните години за кои ревизорот во континуитет известува, а се однесуваат на недостиг на стручен и обучен кадар за актуарство и перманентниот одлив на вработени од ИТ секторот и внатрешната ревизија, што влијае на развој на актуарски и пензиски предвидувачки капацитети, функционирање на информацискиот систем и ажурноста на сите воспоставени системи и ефективноста на системот за внатрешни контроли.
Се наведува дека Фондот и понатаму не располага со податоци за вкупно наплатените средства од акции, како и решение за основот за повлекување на средства од сметката од страна на МФ, со што не може да ја потврди точноста и целосноста на наплатените приходи.
Изворните приходи т.е. приходите од наплатен придонес за ПИО во 2022 година се зголемени за 11,63% во однос на претходната 2021 година и во 2022 година изнесуваат 54.943.420 илјади денари, што претставува учество од 64.54% од вкупно остварените приходи. Оствареното зголемување на приходите во 2022 година и понатаму не е доволно за покривање на расходите за социјални бенефиции кои исто така бележат раст од година во година. Имено, расходите за социјални бенефиции (исплата на пензиските примања заедно со придонесот за здравствено осигурување на пензионерите, трансферите до вториот пензиски столб и инвалиднината) во 2022 година изнесуваат 87.607.370 илјади денари за вкупно 335.743 корисници на пензиски примања односно заклучно со декември 2022 година исплатите се за 9,8% повисоки во однос на 2021 година, се појаснува во извештајот.
Како резултат на наведеното се очекува и подолгорочно гледано, финансиското работење на Фондот да продолжи да биде оптоварено со тековниот проблем на зголемен дефицит, кој се покрива со трансфери од Буџетот на РСМ.
Ревизорите утврдиле дека постојат слабости при спроведувањето и реализацијата на дел од постапките за јавни набавки на ИТ, тековно одржување и изведување на градежно занатски работи на деловни објекти на Фондот, како и за набавка и плаќање за поставување на фотоволтаичен систем за производство на електрична енергија за кој не е навремено обезбедена документација за сопственоста на објектот и не извршен технички прием.
Ревизорскиот извештај упатува и на прашања на неизвесност и континуитет и тоа за неосновано повлечени средства од сметката на Фондот од страна на извршителите по основ на налози за извршување, во кои како должници се јавуваат корисници на пензија и преземените активности од страна на Фондот поврзани со реализација на налози за извршување, како и за тоа дека структурата и нивото на остварени приходи во известувачкиот период дефицитот во исплатата на пензиските примања, како и неизвесностите по работењето на Фондот поврзани со инфлаторните движења и неповолните демографски движења. Целата анализа на :https://faktor.mk/na-fondot-za-penzisko-mu-falat-pari-za-penzii-i-drugi-socijalni-rashodi-eve-shto-pokazuva-revizijata-na-dzr





