ДУИ демантира вмешаност во сквернавењето на македонското знаме и најави тужби

Демократската унија за интеграција демантираше за наводи за вмешаност во сквернавењето на македонското знаме. Велат дека најостро ги осудуваат лажните обвинувања и манипулациите што антиалбанската влада ги пласирала на денешната прес-конференција



Обидот на, како што ја нарекуваат, оваа антиалбанска влада да ја вмеша ДУИ во настаните поврзани со Денот на албанското знаме претставува не само невидена манипулација, туку и обид да се покријат сопствените неуспеси и дискриминаторски политики.

„Јасно и недвосмислено изјавуваме: ДУИ нема никаква врска со организирање на инцидентите. Секоја изјава или обвинување во таа насока е целосно неоснована, клеветничка и злонамерна. Антиалбанската влада со ова јавно ги манипулира граѓаните, обидувајќи се да го изврти вниманието од вистинскиот проблем – селективниот пристап на полицијата, која уапси 17 Албанци за инциденти со државното знаме, но ниту еден од оние што го запалија албанското знаме.

Оваа стратегија на антиалбанската влада е очигледен обид да се префрли одговорноста за нивниот хаос и неуспех во справување со ситуацијата. Овие дејствија претставуваат провидна тактика за продлабочување на етничките тензии и дефокусирање од вистинските проблеми во земјата.

ДУИ нема да дозволи да биде предмет на политички спинови и манипулации. Објавуваме дека ќе преземеме сите правни мерки против овие лажни обвинувања и ќе побараме одговорност од сите инволвирани во ширењето на овие дезинформации.

Дополнително, ги повикуваме антиалбанската влада и институциите веднаш да престанат со оваа опасна реторика и да се посветат на праведно, непристрасно и професионално справување со настаните. Наместо да креираат вештачки виновници, нека се фокусираат на истрагата за сите учесници во инцидентите, без разлика на нивната етничка припадност или политичка позадина.

ДУИ останува посветена на заштитата на правата и достоинството на Албанците, на мирот и стабилноста на нашата земја. Нема да дозволиме лагите и манипулациите на антиалбанската влада да го нарушат нашето работење и нашата мисија за еднаквост и правда“, се вели во соопштението од опозициската ДУИ.