„Демократската унија за интеграција бара предвремени парламентарни избори заедно со локалните избори, бидејќи според нив, оваа Влада ја води земјата во погрешна насока и граѓаните имаат потреба за политичко преиспитување. Во своето соопштение ДУИ изнесе тврдење дека „за клучните прашања од стратегиски интерес Владата се соочува со целосен неуспех, како и за приоритетите, што ги претстави како државен интерес“. Ова го пренесе ТВ Шења.
Натаму телевизијата истакнува: Според партијата на Али Ахмети, „водена од популистички мотиви во пресрет на локалните избори, владата целосно ги отфрли европското досие на земјата и можноста за продолжување на преговорите со ЕУ“.
„Во своите популистички и емотивни говори премиерот не само што ја отфрла можноста за дополнување на уставот со некои малцинства, туку и гордо го претставува како најголем политички успех на земјата избегнувањето на обврските ‘ерга омнес’, што произлегуваат од стратегискиот договор со Грција. Ова само покажува дека јавниот притисок на изборите целосно ја оддалечи Владата од европското досие, кое самата го нарече ‘Приоритет број еден’. Оваа ненормална ситуација создава јасна и неоспорна потреба кај граѓаните за политичко преиспитување на Владата.“ – наведува ДУИ во своето соопштение.
„По 20 години крадење, измама и уништување на секоја албанска надеж, сега ДУИ се огласуваат без нималку срам со барање граѓаните да им дадат уште една шанса! Но, граѓаните оценуваат дека Вреди е одговорот на Албанците кон нивната скапана политика, како и за спроведување на промените.“ – реагираше коалицијата Вреди кон барањето на партијата на Али Ахмети за одржување предвремени парламентарни избори заедно со локалните избори.
„Оние кои со децении ја користеа власта за лични интереси, денес, фрустрирани и разоткриени пред граѓаните, бараат да се вратат во старите времиња на уцени и кога ја имаа заробено државата. ДУИ, која секоја институција ја претвораше во свој партиски огранок, која ги омаловажуваше интелектуалците, која вршеше предавство на правата на Албанците, заради ниски пазарења, денес има страв од правдата. Вреди е на власт, за да ја спроведе промената, што Албанците гласно ја бараа и нема да застане додека секој Албанец не се почувствува слободен, рамноправен и со достоинство во сопствената земја.“
Од Вреди велат дека во „октомври на локалните избори ќе победат во сите албански општини“ и додаваат оти „заврши времето на ДУИ а ветерот на промените започна“.
Home Македонија ДУИ: Владата не го применува Преспанскиот и го затвори ЕУ-досието, треба предвремени...






