„СДСМ секогаш самиот се поразува себе, доказ за тоа е и феноменот Максим кој како националистичка, националромантичарска, или кај ВМРО-ДПМНЕ лажнопатриотска структура, беше чинителот, што го порази СДСМ. Уставните измени е товар, што ова раководство на СДСМ го носи за време на целиот свој мандат. Медиумите, посебно највлијателните, националните телевизии, за цело тоа време, заедно со ВМРО-ДПМНЕ, кампањски ѝ ја враќаа ‘гордоста на нацијата’ и сето главно врз грбот на СДСМ!“ – вели новинарот и „политички аналитичар“ Зоран Иванов во својата колумна со наслов „Па, нели, народот е во право и кога греши“ со тон на дрско мајтапење со сето бирачко тело на ВМРО ДПМНЕ, но и со сета македонска нација, која, ете, сега „си ја враќа својата национална гордост“ со помош на „националистичката и лажнопатриотска структура“ на ВМРО ДПМНЕ врз грбот на СДСМ“, кој сторил „само некои случки“, што им го урнисале изборниот рејтинг, ним како на партија и на претседателскиот кандидат Пендаровски!
Во својата колумна, која ја објави весникот „Слободен печат“, покрај другото, Иванов пишува: Секој изборен дебакл е последица на дебакл во времето на владеењето. Гласачкото тело на СДСМ на овие избори се подели на три дела. Кај Пендаровски, кај СДСМ и кај Максим. Најлојалните, преку претседателскиот кандидат на партијата ѝ дадоа речиси 200 илјади гласови, но да не заборавиме дека кандидатот постојано имаше повисок рејтинг од партијата, па сепак гласовите за него во неделата беа главно од корпусот на сдсмовските гласачи.
Некои „случки“ на власта го урнисаа изборниот рејтинг на СДСМ. Особено партијата како да ги игнорираше реакциите за функционерските плати, за Кривичниот законик, за европското знаменце, за проблемот со патните исправи.
Гледано од агол на граѓаните, ДУИ објективно беше камен околу вратот на СДСМ посебно на мистиката со темата „Бехтел и Енка“, па „Соравија“ и внуците на лидерот на ДУИ, дури и со бизарноста за петардите во џипот и слични случки. Башка, рејтингот на судството, перцепцијата за корупцијата, последниот извештај на Стејт департментот за состојбите во земјава со човековите права и слично. Целата општа состојбата се урна врз претседателскиот кандидат, што СДСМ го поддржува.
Епилогот, сепак, ќе го каже 8 мај, но веќе е извесно дека СДСМ веројатно почнува да размислува па дури и да се подготвува за конгрес. Па, нели, народот е во право и кога греши.





