„Парламентарните избори во јуни 2024 на сцена ги изнесоа македонските националистички сили, кои со мотото ‘Македонија е повторно твоја’ пренесоа директна порака дека Албанците им ја зедоа државата на Македонците и оти тие сили мора да ја вратат државата во рацете на македонскиот народ како супериорен народ. Не беше испочитуван гласот на најголемиот број Албанци и новата коалиција беше формирана од оние, што им претставуваа преференција на поединци, а не беше формирана од гласот на граѓаните.“ – со оваа етничко-политичка провокација се огласи високиот државен функционер Блерим Хисени, заменик-претседател на државната Комисија за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, во својата колумна со наслов „Ја започнавме 2024 година со премиер, а ја завршивме со ‘службен јазик’!“, која ја објави информативниот портал на албански јазик „Опен-ТВ.мк“. Иако е втор човек на државна институција, финансирана од буџетот на државата, Блерим Хисени си дозволува да врши напад врз премиерот Мицкоски директно од позиции на опозициската ДУИ на Али Ахмети дека, наводно, Мицкоски ги „вклучил партиите од коалицијата Вреди во Владата според своја преференција, без да се почитувал гласот на најголемиот број Албанци на парламентарните избори“. Ова значи најдиректно и дека Блерим Хисени од стојалиштето на Ахмети и неговите сопартијци тврди оти оваа влада на Македонија не го има „етничкиот легитимитет на Албанците, здобиен на избори“. Хисени пласира преку својата колумна и опасни провокации дека, наводно, „македонските националистички сили под мотото ‘Македонија е повторно твоја’ сакале да им ја вратат државата на Македонците како надреден, супериорен народ“, која претходно „им ја имале одземено Албанците“!
Покрај другото, Блерим Хисени во својата колумна уште наведува: „Албанците од Македонија за прв пат ја дочекаа 2024 година со албански премиер, но имаше стремеж тоа да се релативизира. Институцијата премиер беше за првпат дофатена од Албанците и ова без никакво сомневање го закопа митот, што го создадоа Македонците, дека за позицијата претседател на влада не се преговара и оти таа му припаѓа само на македонскиот народ како носител на државниот суверенитет. За жалење е тоа што во изборната кампања пролетта 2024 година ниедна албанска партија не се избори за оваа функција, а не ја ни спомнаа како заложба дека, ако бидат дел од владата, премиерската функција ќе биде на преговарачка маса.“
„Изминатата 2024 година беше обележана без никакво сомневање со настани и јасни стремежи за уназадување на правата на Албанците. Првиот напад врз нивните права беше отстранувањето на етничката припадност при вработувањата. Изненадува фактот што оваа акција беше предвидена и ветена од ВМРО-ДПМНЕ, но беше спроведена од Уставниот суд. Тоа не беше доволно и трендовите продолжија и со законот за употреба на албанскиот јазик. Ова прашање ќе ја ја преокупира политичката сцена во Македонија и во 2025 година.“
„Политичкиот речник на албанските партии, избрани од ВМРО ДПМНЕ да владеат заедно со нив, беше само ‘ДУИ, ДУИ, ДУИ’, односно само со констатации, без никаков обид да се отстранат неуспесите, како што велат од ДУИ, туку само да констатираат.“
„За жалење се изјавите на албанските експоненти, бидејќи понекогаш создаваат впечаток дека се во состојба да проголтаат се, само за да не го огорчат премиерот Мицковски. Трипати да бараш прошка затоа што кажа ‘мојата татковина е Косово’ е повеќе од понижувачко. Да се изјасни дека албанскиот јазик не е службен, туку преведен, е повеќе од скандал. Сите вакви случувања во 2024 година можат да бидат лош знак за 2025 година, имајќи ја предвид изреката ‘Денот се познава според утрото’.“





