Државната матура: Наместо во училница, 15.000 матуранти во холовите и салите во училиште полагаа прв испит

Нешто повеќе од 15.000 ученици што завршуваат средно образование денеска ги исполнија холовите и салите во училиштата и го полагаа првиот од двата екстерни испита од државната матура – Мајчин јазик и литература. Според податоците на Државниот испитен центар, кој е организатор на полагањето на државната матура, пријавени се 10 088 кандидати за испитот по Македонски јазик и литература, 4 189 за Албански јазик и литература и 315 кандидати за Турски јазик и литература.



Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска во изјава за медиумите рече дека прелиминарни резултати ќе има најдоцна на 8 јули, односно 30 дена од полагањето на последниот испит, по што ќе следува можноста за поднесување приговори.

Клучна новина годинава, е тоа што учениците полагаат во пошироки просторни услови, односно во холовите и спортските сали на своите училишта или во најблиското каде што има соодветни услови наместо како досега во училниците.

За текот и регуларноста на самиот испитен процес се задолжени околу 2 000 тестатори – наставници кои се ангажирани во други, а не во своите училишта, како и околу 200 набљудувачи од ДИЦ, Бирото за развој на образованието, Министерството за образование и наука и од Центарот за стручно образование и обука.

Согласно Концепцијата за матура и завршен испит, учениците и годинава полагаат 2 екстерни предмети, 2 интерни предмети и подготвуваат проектна задача. За вториот екстерен испит, кој ќе се полага на 8 јуни, пријавени се 1 356 кандидати за Математика, 13 198 за Англиски јазик, 37 за Француски јазик, 114 за Германски јазик, 84 за Естетика и по еден кандидат за Руски јазик и за Филозофија.

Матурантите кои во јунската сесија нема да ја положат државната матура или не во целост, ќе може да се пријават за августовската сесија кога двата екстерни испита ќе се полагаат на 12 и 14 август. Државната матура се спроведува од 2008 година, како законска обврска и услов за упис на високообразовна установа.