Спасувачка акција е во тек за извлекување на две лица од водите на Мавровското Езеро. Нивниот чамец се превртел, а силната водена струја ги носи кон хидроцентралата.
Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов информираше дека двете лица ќе се извлечат со полициски хеликоптер, затоа што локалните служби немаат чамци, а водите се разбранувани поради силниот ветер.
„Преку единствен број за итни повици 112 во 12.37 часот на ден 15.3.2025 година од страна од случаен минувач е добиена информација за превртен чамец со две лица во Мавровско Езеро. Лицата во моментот се држат за чамецот и самата струја ги носи кон хидроцентралата“, извести Ангелов.
Од наша страна веднаш е стапено во контакт со Диспчерскиот центар на ЕЛЕМ и со директорот на ХЕЦ Маврово, додаде тој.
„Известен сум дека немаат исправен чамец. Известено е одговорното лице од Ренџерската служба од Националниот парк Маврово, кој одговори дека имаат чамец. Но, поради силниот ветер во Мавровското Езеро има бранови и луѓето не се специјализирани за спасување во води , па има потенцијална опасност да ги загрози и своите вработени“, додаде Ангелов.






